Со предлог законот за амнестија ВМРО-ДПМНЕ бара бришење на пресудата кај веќе осудените

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ денеска го поднесе предлог законот за амнестија на лица осомничени, обвинети или осудени за собраниските настани од 27-ми април. Предлог законот е поднесен по скратена постапка, а од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат, како што велат од таму, пратениците од власта конструктивно да учествуваат во дебатата и да покажат дека не станува збор за лажно ветување за правда и национално помирување.

Со законот се предвидува и уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените постапки и целосно ослободување од издржување на казната затвор.

-Игор Дурловски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски не се терористи! Не се терористи ниту вработените во Министерството за внатрешни работи, ниту останатите лица прогонувани врз основа на случувањата од 27-ми април! Тоа го знаеме ние, тоа го знаете и вие колеги од власта, а тоа го знае и целата македонска јавност. Затоа почитувани од СДСМ, бидете искрени и застанете еднаш зад она што го говорите, а кое е подадена рака и од нас за помирување – изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.

Данев додаде дека со овој предлог закон се предвидува и бришење на осудата на лицата осудени заклучно со денот на влегување во сила на овој закон.

-Предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ обезбедува правда за сите, вистинско национално помирување, наместо селективност и поделби во општеството кои ги нуди СДСМ. Целта е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата. Спроведувањето на истиот не предвидува финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија или други јавни средства. Земајќи ја во предвид сложеноста на ситуацијата, законот го предлагаме во скратена постапка, како ефективно и ефикасно ќе дојде до спроведување на истиот – потенцираше Данев.

Поврзани новости