Со платени сметки за струја и вода до македонско државјанство

by Fokus 11:57
11:57

Платена сметка за струја, греење, вода или телефон, платен данок, здравствена книшка, извештај или отпусна листа како доказ за лекување, имотен лист, се само дел од доказите врз основа на кои ќе може да се стекнува македонско државјанство, се предвидува со предлог-законот за државјанство кој веќе е во собраниска процедура.

Во рок од три години од денот на влегувањето во сила на овој закон на државјанин на друга република на поранешната СФРЈ и државјанин на поранешна СФРЈ кои до 8 септември 1991 година, односно до времето на прогласување на независноста на Република Македонија живееле на територијата на Република Македонија, се стекнува со државјанство на Република Северна Македонија, доколку кон барањето приложат најмалку еден од следниве документи во оригинал или копија заверена на нотар:

- Advertisements -

-извод од матичната книга на родени;

-доказ за завршено учебна година (свидетелство, уверение или диплома);

-доказ за заснован работен однос со М1 / М2 образец;

-работничка книшка;

-доказ за платен данок согласно законските регулативи кои во тој период важеле во Република Македонија,односно доказ за платен:

данок од личен доход на работниците;

данок од личен доход од вршење земјоделска дејност;

данок од личен доход од самостојно вршење на стопанска и професионална дејност;

данок од надоместок од авторски права, патенти и технички унапредувања;

данок на приходи од имот и имотни права;

данок на имот и

данок на наследство и подарок;

-одлуката на даночниот обврзник од страна на Управата за јавни приходи;

-доказ за платена сметка за следниве услуги:

електрична енергија,

греење,

вода,

телефонски услуги;

-патна исправа (пасош) издадена од поранешната СФРЈ или РМ;

-лична карта издадена од поранешната СФРЈ или РМ;

-лична карта за странци;

-здравствена книшка;

-извештај, потврда, отпусно писмо или друг документ со кој се докажува извршено лекување во јавни здравствени установи во Република Македонија;

-поседовен или имотен лист на име на барателот;

-штедна книшка за депонирање на заштеди во банка (правно лице) основана од Република Македонија согласно закон;

-други докази издадени од надлежни државни органи со кои ќе се потврди постојаното живеалиште на територијата на Република Македонија и

-сведителствата кои се издадени од 1991 до 1998 година за лицата родени од 1984 година до 1991 година.

Предлог-законот е поднесен од Владата со европско знаменце, што значи дека се скратува рокот во кој треба да биде донесен и се однесува на граѓаните кои се од поранешните југословенски републики кои останале да живеат во Македонија по осамостојувањето и сѐ уште немаат македонско државјанство. Законот го иницираа Алијанса за Албанците и Алетернатива и прво се предвидуваше државјанство да се докажува со тројца сведоци.

Инаку, освен доказите за стекнување со македонско државјанство, во Предлог-законот се предвидува годините на престој во државата да се намалат од осум на седум, потоа да се познава македонскиот јазик на ниво доволно барателот да се разбере со околината, што ќе го испитува посебна комисија формирана од Владата, а од три на една година се намалува и времето во кое странецот треба да живее на територијата на Македонија за да може да стекне со државјанство по законски предвиден начин, со природување.

Иселеници од Македонија и нивните деца ќе може со природување да се стекнат со македонско државјанство и доколку до поднесувањето на барањето не живееле осум години во земјава, и без да има отпуст од државјанството на друга држава.

Со македонско државјанство ќе може да се стекне и странец кој е во брак со македонски државјанин најмалку три години и во земјава живее најмалку една година, притоа не мора да знае македонски јазик. А со државјанство може да се стекнат и странци кои се во брак со македонски државјани најмалку осум години, но не живеат тука, но со земјата имаат цврста и ефективна поврзаност.

 

Поврзани новости