По долги години пауза од фестивалите, во четвртокот, на првото издание на фестивалот на новосоздадени народни песни Владимирово, зад кој стои Културниот центар ,,Горан Алачки”, Жаклина Узунова се појави на сцената. Настапи со баладата ,,Засекогаш”, зад која, како што вели за ,,Фокус”, се крие лична емотивна приказна.
Вели дека песната цели десет години стоела неиспеана, на миксета во студиото ,,Узун”, а истата за неа ја создал нејзиниот сопруг и легендарен музичар Јанко Узунов, кратко пред да почине. Била посветена на братот на Жаклина, кој почина девет месеци пред ненадејната смрт на Јанко, пред десеттина години. Но, плановите за снимање на композицијата ги прекинала смртта на Јанко, кој почина од разорен инфаркт на 63-годишна возраст, во Берово, родното место на Жаклина.
-Минатото лето во еден спонтан телефонски разговор маестро Горан Алачки ме праша дали имам некоја необјавена композиција од Јанко, затоа што тој планира да направи нов фестивал во село Владимирово и во прв момент бев скептик бидејќи одамна апстинирам од фестивалските настапи, бидејќи не ми се допаѓаа некои фестивалски и задкулисни игри…
Но, како што течеше разговорот ми стана јасно дека станува збор за сериозен проект, односно академија на доајените на македонската естрада. Уште поголем предизвик за мене беше и желбата на маестро Алачки и тоа со голем респект и почит кон ликот и делото на Јанко Узунов, повторно да прозвучи неговата музика и уникатен стил.
Му спомнав на Горан дека имам една композиција која Јанко 2014 година ја посвети и напиша за мојот прерано починат брат и почнавме да ја снимаме, но бидејќи мене болката ми беше многу свежа, а текстот вистинска приказна за љубовта помеѓу братот сестрата, солзите не престануваа да течат и едноставно не можев да снимам од тага… Се договоривме со Јанко да заминеме за Берово и малку да се одмориме во Дојран, па кога ќе вратиме ќе ја снимиме… Но, како едната болка да не беше доволна и мојот Јанко си замина.
Песната остана неиспеана, неотсвирена, замрзната во миксетата на студио ,,Узун”. И по 10 години благодарение на маестро Горан Алачки песната насловена ,,Засекогаш” ја виде светлината на денот со нов аранжман (како што вели Горан, аранжманот го направив да звучи Јанковски) и на 29-ти Мај во Владимирово блесна фестивалската сала ,,Ванчо Чавдарски”, раскажува Жаклина.
Публиката во салата, претежно од Малешевијата, од која голем број ја знаеле приказната за песната, ја награди Жаклина со огромен аплауз. Таа се заблагодарува за храбрењето со солзи и аплауз, и вели дека додека пеела, и прелетувала мислата како Јанко и нејзиниот брат би биле среќни поради тоа што ја отпеала песната која цела деценија стоела во фиока, неотсвирана.
-Се одржа првиот ,,Фолк фест Владимирово 2025″ на кој настапија 12 врвни имиња докажани на македонската естрада, придружувани од оркестар под раководство на маестро Горан Алачки со исто така докажани врвни музичари.
МРТВ1 линковски директно пренесуваше низ цел свет, а за водителството беше задолжена прекрасната Ели Танаскова. Се слушаше чиста новосоздадена македонска музика без туѓи призвуци,12 прекрасни композиции со различен стил и тематика, родољубиви, лирски, хумористични и таговна каква што беше мојата ,,Засекогаш” и после 10 години на фестивалска сцена, додека пеев ми пролетуваше мислата дека сигурно од таму некаде горе и моите ангели ја слушаат мојата песна и среќни се…
Како Јанко да ми велеше браво Жакче моја, а публиката најмногу оние што ја знаат приказната, моите драги малешевци со солзи и аплауз ме храбреа… Публиката не ги штедеше дланките и останатите учесници ги наградуваше со многу овации и долги аплаузи… Се случи вистинска фестивалска еуфорија, вели Жаклина.
Се заблагодарува и му честита на ,,Културниот центар Горан Алачки” за идејата да се создаде ,,Фолк фест Владимирово 2025″ заедно со организаторот ЗВИС и за успешната реализација на фестивалот, за изборот на интерпретаторите, за изборот на оркестарот, за респектот кон сите учесници, новинари и гости…
-Нека ,,Фолк фест Владимирово” биде расадник на новосоздадена македонска песна и пример како со скромен буџет и услови, но со многу љубов и слога треба да се организира и реализира еден фестивал, порача Узунова.
Таа и Јанко поминаа 24 години заедно. Тој беше поп и фолк пејач, професор и композитор кој зад себе остави над 400 дела. Во 2009 година на парот му се случи трагедија, кога го изгубија бебето. Настанот уште повеќе ги зближил, и тие беа неразделни, како приватно, така и на сцената се до смртта на Јанко. Потоа таа продолжи со настапи во ресторан во Берово, и ретко се појавува на телевизија.
Вики Клинчарова