Со „Огледало“ Влатко Стефановски го најави новиот албум: Да се потрудиме да преживееме, ќе има време за големи концерти!

by fokus

Маестро на гитара Влатко Стефановски и Кроација рекордс ја промовираа „Огледало“, првата песна од новиот албум на музичарот која само неколку часа по одекнувањето во етерот, е на добар пат да стане музичка лектира за многу генерации.

Во разговор за „Фокус“ Стефановски појаснува дека новиот албум ,,Taftalidze shuffle” кој ќе излезе во продажба за околу една недела, е негов подарок за публиката во овие, како што вели, чудни времиња.
Песните започнале да се создаваат во месец јануари, се до октомври, во период на карантин, полициски часови и доба на неизвесност поради пандемијата.

-Времето во карантин го поминав креативно. На албумот имам многу гости, од мојот син Јан, па се до Андријана Јаневска, Дики Тавитјан, Кирил Џајковски, Васил Хаџиманов, Матија Дедиќ…

Решив да имам еден конструктивен карантин, се фрлив на работа, имам многу соработници на ова музичко дело. Се работеше онлајн, на албумот има девет песни од кои две се инструментални, останатите се вокално – инструментални.

По три години пауза од последниот албум, односно 35-от албум „Мајчин јазик“, „Taftalidze shuffle“ доаѓа во вистинско време, го посветувам од срце на мојата публика – појаснува гитарскиот маг.
Околу специфичниот наслов, кој во слободен превод би значел „Влечкање низ Тафталиџе“, вели дека најдобро отсликува добар дел од неговиот живот.

-Околу 70 проценти од мојот живот јас „се влечкам“ низ улиците на мојата населба Тафталиџе. Токму затоа и овој наслов дојде како најсоодветен. Посветено се работеше на ова музичко дело, драго ми е што денес проструи во етер нумерата ,,Огледало”, најмногу за десет дена и албумот ќе биде достапен за слушателите, вели Стефановски.

За песната „Огледало” која се промовираше денеска, веднаш следеа коментари и претпоставки дека е посветена за неговите син и ќерка, и тој вели дека самата нумера доволно кажува за посветата.

-Огледалото е нашата рефлексија. Огледај се и ќе видеш каков ефект оставаш на другите, најважно е како другите те гледаат тебе, твојата работа и дела, а не каков ти можеби се гледаш. Не сум тип на човек кој посветува песни на децата, оваа песна е за секој од нас, раскажува музичарот.

За време на летниот период, и покрај кризата поради вирусот, и строгите протоколи за време на музичките случувања, вели дека сепак успеал да одржи околу 20 настани.

-Настапував во Хрватска, Србија, Бугарија, Словенија. Се одеше според строго утврдени протоколи, со намален број на публика, дезинфекција, мерење на температура…

Ги следам случувањата на естрадата, не само кај нас, туку и во регионот, јасно е дека е присутно незадоволството, состојбата не е добра за никого. Би им порачал на моите колеги да се стрпат, ќе има време за настапи, како што доликува, со публика, големи концерти, турнеји, со истиот оној сјај од минатите времиња. Сега е време кога треба само да се потрудиме да преживееме. Да дадеме свој придонес во борбата против вирусот, да покажеме зрелост. Тешко е, но и ова ќе помине, изјави Стефановски.

Додаде дека наредниот период го очекува промовирањето на новите дела, има низа на активности поврзани со новиот албум, кој во ова време му дал ветер во крилја.

Поврзани новости