Со промена на законот Владата ќе го намалува јавниот долг?

by Фокус

По скратена постапка Собранието ќе го менува Законот за јавен долг, откако текстот со измените денеска се најде пред пратениците, членови на Собраниската комисија за финансии и буџет.

Во образложението што го нуди Министерството за финансии пишува дека при задолжување без државна гаранција јавните претпријатија и трговски друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата се исклучуваат од пресметката на јавниот долг бидејќи, како што пишува во предлог -измените, со задолжувањето без издавање на државна гаранција не се креираат директни фискални импликации и потенцијални обврски во буџетот.

Со предлог измената на законот и долгот на Народната банка се исклучува од опфатот на јавниот долг.

„Во рамките на практичната примената на законот се покажа дека долгот на НБРМ како дел од опфатот на долгот само за статистички цели, креира одредени забуни во информирањето на податоците на долгот“, стои во образложението на предлог-промените.

Воедно, од постапката за задолжување се исклучува краткорочното задолжување на АД Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) за ликвидносни потреби.

„Потребата за краткорочно задолжување на АД МБПР произлегува од аспект на управување со активата и пасивата на банката, и нејзините ликвидносни потреби. Во случаите кога АД МБПР нема да ги наплати побарувањата на клиентите на датумот на достасување, при што очекуваната и договорената рочност на банката нема да се поистоветуваат, банката би имала потреба да се јави како учесник на меѓубанкарскиот пазар на пари заради краткорочно задолжување со рок од еден до три месеци, но не повеќе од една година. Дополнително, на АД МБПР соодветно се применуваат одредбите од Законот за банки, што подразбира дека Народната банка на Република Македонија врши банкарска супервизија над работењето на АД МБПР. Од тие причини, Законот предвидува исклучок од постапката за краткорочно задолжување за АД МБПР, со цел олеснување на нејзиното функционирање како банка“, стои во образложението.

Во последно време постојано се кршат копјата околу јавниот долг. Според повеќе експерти тој веќе го надминал процентот од 50 отсто од БДП и истите стручњаци коментираат дека онаа бројка што Владата ја прикажаува како јавен долг, од околу 40 проценти, е всушност државниот долг кој не ги вклучува задолжувањата на јавните претпријатија и на фирмите кои се во доминантна сопственост на државата и на општините и долгот на НБРМ.

Претпоставките се дека со овој сет на измени, козметички ќе се намали процентот на јавниот долг за кој досега само се претпоставува дека е над половина од БДП.

Поврзани новости