Со нов имиџ, но со истата скромност Атиџе ќе блесне на Оскарите!

by fokus

Главната протагонистка во документарецот „Медена земја”, Атиџе Муратова, во недела ќе заблеска на доделувањето на Оскарите со нов имиџ. Вчера за нејзината фризура се погрижиле во фризерското студио „Ив”, од каде објавија фотографии на кои Атиџе позира додека и ја бојадисуваат косата со костенлива боја, а потоа и фотографија со финалниот резултат.

Долгата коса на Муратова е благо брановита, со изразен волумен, зачешлана на страна, со трендовски и модерен, а сепак скромен изглед.

-Денес нè израдува со својата посета во нашето студио за да ја блеснеме за на Оскарите. Мораме да признаеме дека таа е најпрво една прекрасна личност со голема душа и харизма и и ја посакуваме целата среќа на светот. Беше пресреќна од фарбањето и фенирањето и ни рече дека сега ќе може да им парира на Бред Пит и Леонардо ди Каприо. Убав помин на Оскарите, медена наша, ни беше чест што те запознавме, те чекаме со статуетка и еден куп импресии- информираа од фризерското студио.

За гардеробата на Атиџе, но и на целата екипа на „Медена земја” се погрижи креаторката Тања Кокев. Околу тоа како изгледа креацијата со која Атиџе ќе прошета на црвениот тепих, не се откриваат детали, но се претпоставува дека ќе биде во омилената боја на Атиџе – жолта.

Од студиото на Кокев изјавија дека ќе биде испочитуван дрес кодот на Оскарите, но Атиџе нема да претпри драстична трансформација.

-Жените како Атиџе не се трансформираат, ние може да се трансформираме учејќи од неа. Ние не сме тие кои треба на таа скромност да и кажеме како да прошета на Оскарите. Ќе ја испратиме скромна, убава, дотерана, онака како таа ќе се чувствува најпријатно – откри креаторката, веднаш по првата средба со Атиџе во модното студио.

„Медена земја” на Оскарите заминува со две номинации, за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Режисери се Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.

Деведесетивторото доделување на Оскарите е закажано на 9-ти февруари во театарот Долби во Холивуд. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител. Церемонијата телевизиски ќе се пренесува во повеќе од 225 земји низ светот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости