Со Мицкоски неодамна се слушнав, со Заев разменив неколку пораки, вели Пендаровски

На ниво на лидери, Заев имаше почеста комуникација со Мицкоски отколку сега Ковачевски со Мицкоски, посочува шефот на државата во интервју за „Фокус“.

by Фокус 20:30
20:30

Односот на ВМРО-ДПМНЕ се смени откако му го дадов мандатот на Зоран Заев, кој направи Влада во 2021 година, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто објавено во двобројот на неделникот „Фокус“.

Јас имав добра стартна основа, зашто сум прв претседател што е признаен од опозицијата. Договоривме заеднички датум за предвремени избори со опозицијата. Но, мислам дека односот се смени откако му го дадов мандатот на Заев, кој ја направи владата во 2021 година. Меѓутоа, јас сум чист дека постапив согласно Уставот и дотогашната политичка пракса на двајца мои претходници. Кај нив, за жал, доминираа партиските наместо државните резони, но тоа е нивно право – рече Пендаровски.

Сепак, тој посочува дека се уште одржува одредена комуникација со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

-До пред некој месец-два имав телефонска комуникација, не дека ги имаме урнато сите мостови, но во основа нивната реторика кон мене тргнува од чисто партиски позиции. Факт е дека сѐ помалку комуникација имаме за обични работи. А на ниво на лидери, Заев имаше почеста комуникација со Мицкоски отколку сега Димитар Ковачевски со Мицкоски – посочува Пендаровски.

Тој додава дека со поранешниот премиер Заев разменил две-три пораки во последните месеци, истакнувајќи дека двајцата не разговарале за ниедна политичка тема.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости