Со хеликоптер спасено бебе од Обреновац

by Фокус 13:02
13:02

Утрово спасувачките екипи успеале со помош на полицициски хеликоптер да евакуираат едногодишно бебе од селото Пољане, јужно од Обреновац, јавуваат српските медиуми.

Хеликоптерската единица од раните утрински часови е ангажирана на евакуација на жителите од подрачјето Обреновац, кое е речиси целосно потопено поради излевање на реката Колубара. Сите расположливи средства во моментов се наменети кон оваа област.

- Advertisements -

Српските медиуми пренесуваат дека водата во Обреновац постојано надоаѓа. Постојат индиции дека една постара особа е исчезната. Седум екипи на Брза помош се на терен. Во градот нема струја, а жителите се качуваат на покривите од своите куќи.

Српскиот премиер Александар Вучиќ утрово упати апел до граѓаните да се симнат од покривите и да ги слушаат наредбите на спасувачите.

„Ги замолувам граѓаните, критично е по нивните животи… Ги молам луѓето да не стојат на покривите и да не одбиваат помош во евакуацијата. Да не употребуваме сила, ние само сакаме да ги спасиме“, порача Вучиќ телефонски во утринските вести на РТС.

Ситуацијата во моментов е тешка и во Крупањ. Српските медиуми соопштуваат дека од ноќеска има заробени луѓе кои не можат да излезат од поплавите, нема струја, а има недостиг од храна и вода за пиење.

Фотографии: Tanjug

Поврзани новости