Со ГМО семиња се губи препознатливот вкус на традиционалната храна од Македонија, велат од „Слоу Фуд“

by fokus 14:42
14:42

Организацијата „Слоу Фуд“ од Македонија пред извесно време покрена иницијатива за садење на училишни градини во неколку скопски основни училишта.

Оваа организација во својата мисија ги има зачувувањето на биодиверзитетот на храна (локални сорти на култивирани растенија, раси на животни) и зачувувањето на традиционалните техники на производство и нивната примена во градењето на одржлив систем на храна (преку поддршка, едукација, кампањи и промоции).

- Advertisements -

Василка Стефановска, координатор на овој проектот, во разговор за „Фокус“, порача дека на тој начин, ќе се зголеми едукацијата кај децата за здрава храна, со цел нивното слободно време да го искористат надвор од рамките на компјутерите и електронските игри.

 

„Поаѓаме од фактот дека секој има право на едукација, здрава животна средина и достап на храна, начела гарантирани со меѓународни конвенции и Устав на  Македонија. Денеска, кога економските и социо-културни прилики се такви кои го отргнуваат човекот од производството на храна, во време на консумеризам, потребно е враќање на суверенитетот врз нашата храна.

Тоа најдобро може да се постигне со едукација на младите генерации, да научат сами да ја произведуваат храната и да се грижат за животната средина. Имајки ги во предвид навиките на младите генерации слободното време да го искористуваат пред компјутери во светот на електронските игри, социјализацијата се наоѓа на маргините на нивните животи. Градините со сите свои активности ќе ја врати социјализацијата и тоа на повисоко ниво. Социјализација помеѓу другарите, со роднините, родителите и граѓаните од локалната заедница.

Училишните градини треба да бидат основна алатка преку кои ќе се пренесе основната порака дека знаењето на идните генерации за важноста на одржливото користење на природните ресурси и зачувувањето на биолошката разновидност се основни услови за зачувувањето на животната средина“, вели Стефановска.

Главна цел на овој проект е да се стекнат навики за употреба на традиционалните локални производи и да се почувствува разликата помеѓу свежа локална и брза храна.

„Активностите кои се поврзани со училишните градини имаат имаат повеќе цели. Една од тие цели е  учениците да стекнат навики за употреба на традиционалните локални производи. Да научат во “отворената училница” како се произведува храната што ја консумираат, да го почувствуваат мирисот на свежо откинатиот домат. Самите да почувствуваат разлика помеѓу свежата локална храна и брзата храна која им се нуди на секој чекор“, додаде Стефановска.

Стефановска ни потврди дека овој проект е за долг период, а планинари се семинари со наставници, информативни средби со Совет на родители и изработка на нацрт планови.

„Во оваа фаза на кампања ќе го промовираме моделот – училишни градини како алатка за подигање на свеста за значењето и улогата на иновативните модели и механизми за едукација на најмладите вo училиштата во однос нa заштитата на животната средина и тоа во две фази: 1) насочена кон основните училишта и нивниот кадар, 2) насочена кон пошироката јавност која на директен или индиректен начин е засегната и може да се вклучи и да гопомогне воспоставувањето на училишните градини

Изготвување водич за воспоставување и управување со училишната градина

Работилница за усвојување на предложените едукативни материјали

Семинари за наставницитe од избраните училишта,

Информативни средби со Совети на родители, односно состаноци за презентирање на  моделот училишни градини и нивната улога во спроведувањето на концептот.

Спроведување на втората фаза од кампањата ќе има за цел анимирање на пошироката јавност за поддршка на општествено одговорни акции насочени кон заштита на животната средина

Изработка на нацрт планови, координација и воспоставување училишни градини онаму каде сe cоздал потенцијал за тоа. Воспоставување пилот градина и  промовирање во текот на кампањата“, посочи таа.

Исто така, Стефановска испрати апел до сите оштини, да го поддржат овој проект и да се вклучат во негова реализација.

„Нашата долгогодишна заложба за овој проект оваа година ќе ја реализираме благодарение на финансиската и морална поддршка од Град Скопје од средства одобрени од отворениот повик за невладини организации. Општините имаа слух и ни овозможија да ги спроведуваме активностите во дел од основните училишта. На ниво на Град Скопје ќе бидат опфатени десет училишта од повеќе општини.

Ќе  ја искористам оваа прилика и ќе апелирам до сите општествено одговорни организациии и компаниикомпании да ни се приклучат во заложбите за реализација на овој проект.

Сметаме дека заложбата на сите нас треба да биде голема затоа што ваквите проекти се иднината на нашите деца.

Потребно е да го развиеме и волонтеризмот, не само кај младите туку да ги поттикнеме и возрасните покрај нивните секојдневни обврски да стекнат навики да волонтираат. На тој начин некој преку волонтеризам, компаниите со материјални средства, едукаторите со пренесување на нивните знаења многу можеме да сториме за иднината на нашето образование и здравје“, додаде Стефановска.

Македонија отсекогаш бил извор на традиционални производи, кои високо котираат на светските и европски пазари. Иако во последно време, се чини дека е намален интересот за производствот на истите, со кампањите кои се водат, ќе се заштитат голем дел од локалните традиционални производи низ Македонија.

„Кога пред 10 години ги започнавме активностите во Слоу Фуд бев некако убедена дека кај нас во Македонија нема многу потреба луѓето да се анимираат и да се едуцираат за тоа што значи традиционалниот начин на одгледување на локалните производи.

Сфативме дека тркалото за губење на локалните сорти брзо се движи во удолница. Кампањите кои ги водиме, локалните производители кои ги подржуваме се нашата голема заложба за заштита на локалните производи. Се е поголем интересот и кај производителите и кај конзументите за локалното производство и нивната примена во исхраната.

Посетеноста на разните фестивали за органска храна стануваат се помасовни, вклучувањето на младите во нашата организација се дел од показателите за големиот интерес кај начите жители за заштита на локалното производство. Тоа е нашиот идентитет“.

Во Македонија во последно време беше актуелна темата со откривање на ГМО семиња во производи, кои се продавале низ маркетите во нашата држава. Со масовната употреба на овие семиња, се губи препознатливот вкус на традиционалната храна од Македонија.

„Според законите на природата и филозофијата на Слоу Фуд, секој треба да ги одгледува, селектира и унапредува локалните семиња, бидејќи тие сорти најдобро се адаптирале на условите на одредено подрачје и одговараат за исхрана на локалното население. Треба да се запрашаме колку ние ги познаваме и се грижиме за локалните семоња да се употребуваат во производството на нашата храна. Сведоци сме постојаниот увоз и засадување на увозни и хибридни семиња, за жал од скоро е потвдено и присуството на ГМО семиња во нашите ниви.

Со масовното воведување на овие семиња  нашата храна го губи вкусот и препознатливоста. Автохтоните семиња нашите експерти ги каталогизираат и во банките за семиња се чуваат околу 3000 сорти од различни култури. Но што со тоа? Банките не треба да бидат музеи на нашето минато.

Нивното вистинско место е на нивите. Затоа нашата цел е да ја подигнеме свеста за значењето на локалните семиња за сите нас. Најпрво почнувајќи со едукација од најмладите. Иднината на нашата храна треба да ја гледаме во производство со семиња кои потекнуваат од локалниот биодиверзитет и одржливите техники“, го заврши разговорот раководителката Стефановска.

Организацијата „Слоу Фуд“ е базирана на членови, околу 300 во Македонија, голем број од нив и волонтери и активисти во организацијата во повеќе места.
Организационата структура е на две нивоа, локално – локални здруженија (конвивиуми) и национална организација – Слоу Фуд Македонија.

Истите понатаму се поврзани во светската мрежа на организацијата, присутна во 160 земји, а седиштето е во Бра, Италија.

Ј.Ц.

Поврзани новости