Со документ издаден од унгарската амбасада Груевски успеал да ги премине границите

by fokus

Со каков документ пребеганиот екс премиер Никола Груевски успеал да ги премине границите на четири држави и да заврши во Будимпешта каде чека политички азил? Српскиот претседател, Александар Вучиќ, вчера ги соопшти деталите за маршрутата по која поминувал Груевски, а од македонското МВР, од друга страна, се уште нема никакви информации поврзани со истрагата за бегството на Груевски.

Според Вучиќ, на Груевски во Тирана му бил издаден пасаван, привремен патен документ кој го издава амбасадата или конзуларно претставништво во случај на истечен или изгубен пасош.

Овој документ Груевски го добил во унгарската амбасадата во Тирана. Според конзуларната практика, пасаван се издава обично со рок на важност од 3 до 30 дена. За да добие патен лист лицето треба да приложи друг валиден документ – лична карта, возачка дозвола или извод од матичната книга на родените. Познато е дека на Груевски му се одземени двата пасоши, личниот и дипломатскиот, но не и личната карта.

Вучиќ вечерва изјави дека Груевски од Македонија се упатил кон Албанија, а потоа во Црна Гора, па во Србија преку граничниот премин Хоргош.

Според српскиот претседател, Груевски на 11 ноември ја напуштил Македонија и со лична карта, во придружба на двајца унгарски државјанин влегле на територијата на Албанија, каде што подоцна преку граничниот премин Божај влегле во Црна Гора.

Груевски на 12 ноември, непосредно пред 22:30 на граничниот премин Гостун со лична карта влегол во Србија, а потоа продолжил за Унгарија преку граничниот премин Хоргош, каде покажал лична карта и пропусница која ја добил во Албанија.

„Дури на 13. ноември во 19:35 од страна на Интерпол Скопје ни беше доставена меѓународната потерница. Што очекувате? Да апсиме човек за кој не е распишана потерница“, праша Вучиќ и додаде дека тоа што го зборува е вистина.

Поврзани новости