Со 35 милиони евра ќе се реализираат 99 проекти во 75 градови

by Фокус
Портпаролите на Владата Мухамед Хоџа и Душко Арсовски денеска презентираа детали од одлуката за прераспределба на парите од концесионерот „ТАВ“, кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип, а сега со нив ќе се финансираат проекти низ целата држава.
Инаку, со  35 милиони евра почнува реализацијата на 99 инфраструктурни проекти во 75 градови.
Над 1 милиони евра ќе добијат: Шуто Оризари, Штип, Чаир, Струмица, Тетово, Кичево, Струга за разни проекти.
Градот Скопје ќе има на располагање над 6 милиони евра за два проекти: kлучката „Момин Поток“ и мостот „Карпош“.
Во Тетово со вкупно 1,1 милион евра ќе се реконструира училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ и ќе се изгради патот „Благоја Тоска“.
И Кичево со 1,1 милион евра следната година ќе реализира 4 проекти: Реконструкција на Центарот на градот, капела кај православните гробишта, центар за кучиња скитници и блок А, Б, В и котлара.
Во Струмица парите ќе бидат насочени за регулација на порој „Св. Илија“ на потег од базна преграда до слив на река „Водочница“ во Општина Струмица со вкупна проектирана вредност од 1,4 милиони евра.
Во Штип ќе се гради линија 2 со резервоар „Мерите“ – Општина Штип, во вредност од 1,2 милиони евра.
Со 1,1 милион евра ќе се гради атмосферска канализација во Општина Шуто Оризари, и тоа на 4 улици.
Во Струга со над 1 милион евра ќе се градат неколку патишта на територијата на оваа општина.
Општина Чаир парите од 1 милион евра ќе ги насочи за да се реконструираат дел од водоводните мрежи како и мрежите за канализација и фекални води.
Според договорот со компанијата „ТАВ“ склучен во 2008 година и дополнет со 4 анекси, беше предвидено со 49 милиони евра да се изгради и карго аеродром.
Но, промената е направена врз основа на анализа за проценка на економска оправданост од февруари 2020.

Поврзани новости