Снимки од инцидентот со Спасов- од УБК на провладините медиуми

by fokus

Снимки од безбедносни камери кои го уловиле инцидентот со заменик министерот за труд и социјала Диме Спасов, попладнево се појавија на провладините медиуми.

Според полициски извори, НОВАТВ дознава дека снимките со кои единствено располагала УБК, одбила да им ги достави на СВР-Скопје, од каде ги побарале за целосно расветлување на случајот.

Па наместо во полиција, тие завршија во провладините медиуми, кои пишуваат дека  ова е  „ексклузивно видео од насилниците кои со пиштоли го бркаат Диме Спасов”.

Од МВР пак, велат дека лицата кои го вадат Спасов од возилото се полициската единица за брзи интервенции „Алфи“ кои претходно го бркале на повик од оштетените од пасатот.

На видеото со црвени кругови се заокружени рацете на алфите и се тврди дека тоа се насилници кои со пиштоли го гонеле Спасов. Таа е приказната што заменик министерот денеска, по шест дена по инцидентот,  ја раскажа пред јавноста.

Од МВР пак велат дека имаат докази дека Спасов не бил бркан од никого таа вечер. Министерот Оливер Спасовски рече дека го поседуваат целиот аудио разговор со луѓето кои вечерта повикале полиција. Освен тоа, сопатничката на Спасов веќе дала исказ дека никој не ги бркал.

Останува нејасно како снимките завршиле во рацете овие медиуми, ако се има во предвид дека УБК е единствената институција во чие владение се безбедносните камери.

Поврзани новости