Сменета судијката во предметот Ахмети-Богоески, избран судија подобен за Ахмети?!

by fokus 15:00
15:00

Судијката Јованка Спировска -Панева, а не судијата Нухи Рустеми, требало да го суди предметот во кој лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, го тужат Слободан Богоески за клевета и навреда, но поради „непослушност“, како што неофицијално дознава „Фокус“, таа била тргната од предметот.

Според информациите на „Фокус“, судијката Спировска- Панева одбила да ги почитува насоките кои наводно ги добила од претседателот на Основниот суд Скопје 2, Илир Сулејмани, поради што била сменета. За ваквите шпекулации одговор побаравме од претседателот на судот, одноно го прашавме дали е вистина дека и правел притисок на судијката, а кога не го послушала ја тргнал од предметот? Од судот ни одговорија дека претседателот никому не врши притисок и дека работи согласно законите.

- Advertisements -

-Не се точни информациите дека Претседателот вршел притисок врз судијата Панева како да постапува по конкретниот предмет, од причина што Претседателот на Судот при извршувањето на својата функција во целост ги почитува законските и подзаконските акти со кои е регулиран начинот и доменот на неговите овластувања како Претседател на Судот, ни одговорија од Основниот суд Скопје 2.

Сепак од таму не ни одговорија директно на прашањето дали овој предмет најпрвин бил распореден кај судијката Панева, туку не информираат дека од 2016 година е донесено одлука судијката Панева повеќе да не постапува по предметите за клевета и навреда.

-Имено, врз основа на член 39 и член 88 од Законот за судовите, како и врз основа на член 112 од Судскиот Деловник, секоја година кон крајот на тековната година се донесува Годишен распоред за работата на Судот за следната година. Така, на ден 25.12.2015 година е донесен Годишен распоред за работата на Основниот суд Скопје 2 Скопје за 2016 година, каде меѓудругото, во организациона смисла беше извршено прераспределување во зависност од потребите на Судот, а во насока на ефикасно вршење на судската дејност. Според член 91 став 1 од Законот за судовите, судовите во кои се основаат специјализирани судски оддели се распоредуваат судиите според нивната специјализација во правната област. Согласно наведениот член, како и имајќи предвид дека конкретниот судија и со Годишниот распоред за 2015 година, постапувала во Одделот за имотни спорови, истата со Годишниот распоред за 2016 година, останува повторно во истиот Оддел. Имено, со Годишниот распоред за 2016 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје е определено по предметите за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета и надомест на штета да постапуваат двајца судии, ни одговорија од Граѓанскиот суд.

Обвинетиот во случајот, Богоевски, пак ни потврди дека предметот најпрвин бил во рацете на судијката Панева.

-Точна е вашата информација дека предметот требаше да го суди судијката Панева. Во предметот има насоки кои таа им ги дававала на тужителите, односно да достават дополнителни докази, бидејќи во спротивно им напишала дека ќе ја отфрли тужбата. Најверојатно увиделе дека не е погодна, па решиле да ја сменат, вели Богоевски.

Богоески во овој случај е обвинет за клевета поради неговото сведоштво за случувањата со „Маѓар телеком“. Изјавата што ја даде Богоески пред американската Комисија за хартии од вредност, како и пред окружниот суд во Њујорк во Македонија стана актуелна откако американскиот суд ја објави на својата интернет-страница, а македонските медиуми речиси интегрално ја пренесоа.

 

Поврзани новости