Случајот со Велевска ги разобличи страшните размислувања на Македонците: Разголена жена заслужено јаде ќотек

by Fokus 12:33
12:33
Статистиката дека во Македонија за четири години дури дваесет жени биле убиени со ќотек, се покажа како нешто сосема неважно и занемарливо за поголемиот дел од нашиот народ.

Сите кампањи, дебати и трибини со цел да се подигне свеста и да се стави крај на семејното насилство во земјава паѓаат во вода, по лавината од небулозни коментари кои ги преплавија социјалните мрежи, откако минатата недела фолк пејачката Елена Велевска откри дека се разведува поради семејно насилство.

- Advertisements -

И наместо да добие поддршка од пошироката јавност, како жена и мајка која што собрала храброст и јавно истапила со својот проблем, на некој начин во обид да ги охрабри и останатите жртви на семејно насилство да се борат за достоинствен живот, таа се најде на столбот на срамот.

Освен голем број на припадници на посилниот пол, против Велевска изненадувачки се свртеа и многу жени, кои не избираа зборови за да си го искажат убедувањето дека секој ќотек не е ист, и како има ,,заслужено’’ тепање од страна на партнерот.

-Се сликаш и пееш разголена, заслужен ти е ќотекот – е еден од најчестите коментари на социјалните мрежи, во врска со случајот со Елена.

Зад тоа дека има заслужен ќотек, многу борбено застанале сопруги, мајки, татковци, односно родители на женски деца, убедени дека тоа на нивните чеда никогаш не може да им се случи. Со наводни аргументи дека жената треба да си го знае местото, кое според нив е првенствено во кујната, во десетици дебати по повод случајот, на социјалните мрежи, тие ја пренесуваат пораката.

– Мажот треба да си ја тепа жената ако таа не се вклопува во идеалната слика на типично македонско семејство, во кујна, со деца, закопчана до грло, со наведната глава.

Скандалозното прифаќање и оправдување на семејното насилство на кое јавноста сведочеше во изминатиов период, го отвора прашањето во какви лавиринти е заглавена свеста на нашиот народ. Во нормалниот свет, семејното насилство е кривично дело. Било да се работи за физичко насилство од страна на партнерот, емоционално малтретирање, заплашување, економско лишување или закани.

Според законска регулатива, во Македонија е забранет секаков вид на насилство во бракот и семејството, без оглед на пол и на возраст. Но, и покрај тоа, очигледно е дека кај нас се уште владее сфаќањето дека мажот е газда во домот и може да си дозволи да биде агресивен со цел да воспостави моќ над жената. На кампањите за подигање на јавната свест во врска со родовата еднаквост чија цел е да ги охрабрат жените да пријават семејно насилство, повеќе од сигурно е дека ќе им треба уште долго време, за да допрат до свеста на пошироката јавност, првенствено поради тоа што голем е бројот на жени во земјава кои сметаат дека ќотекот се дели во две категории, заслужен и незаслужен.

Според статистиките од страна на МВР, околу 94 проценти од извршителите на насилствата се мажи. Во Македонија, според Националната мрежа против насилство врз жената, од 2013 до 2017 година регистрирани се 20 убиства на жени како последица на семејно насилство.

Вики Клинчарова


Поврзани новости