Случајот што го отвори „Фокус“ за набавка на битумен стаса до ДКСК

Додека опозицијата бара тендерот вреден 9 милиони евра да го испита и Јавното обвинителство, од „Македонија пат“ ги отфрлуваат обвинувањата дека набавката е преплатена за 4 милиони евра.

by Фокус

Случајот што неоадамна го отвори „Фокус“ за набавка на битумен од страна на ЈП за магистрални и регионални патишта во вредност од 9 милиони евра го предизвика вниманието на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која денес поднесе претставка до Антикорупциската комисија, а партијата очекува да постапи и Јавното обвинителство.

Како што првично објавивме, јавното претпријатие склучило рамковна спогодба со компанијата „Топ Билд“, која во групација со „Хифа Оил“ го добила тендерот како единствен понудувач, откако две други заинтересирани компании воопшто не учествувале на постапката, иако претходно иницирале омекнување на условите од тендерската документација.

По објавувањето на сторијата, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски обвинуваше дека вредноста на јавната набавка е за 4 милиони евра повеќе од реалната вредност, додека денес информираше дека поднеле и претставка до Државната комисија за спречување на корупција.

-Законот за јавни набавки е дециден и членот 114 насочува дека ако нема прифатлива понуда, или ако има понуда со цени понеповолни од пазарните цени, договорниот орган, во случајот „Македонија пат“, може да ја поништи постапката за јавната набавка – рече Стоилковски, додавајќи дека набавката била спроведена со дури 1000 проценти нереално повисока сума за транспорт.

Директорот на јавното претпријатие Костадин Ацевски, пак, ги отфрли обвинувањата дека сторил криминал од 4 милиони евра, истакнувајќи дека целосно е испочитуван законот и, како што вели, секоја заинтересирана фирма можела да учествува на тендерот.

-Цената на сите останати трошоци во вкупната цена во договорот од 2022 година е со најнизок процент во однос на договорите за 2015, 2016 и 2017 година кога се движи меѓу 63 и 70 проценти, иако цените на дизел горивото тогаш биле двојно пониски – рече Ацевски, според кого поништувањето на постапкатаби довело до неработа на претпријатието.

Според документацијата што ја обезбедивме, компанијата „Транспеад“ побарала банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на работите од 5 отсто да се однесува на секој поединечен договор што би се склучувал во рамки на рамковната спогодба, а не на висината на спогодбата. Овој услов бил прифатен.

Друга компанија – „Кооп Инженеринг“, пак, во текот на постапката поднела жалба дека противзаконски биле изготвени критериумите што налагаат дека компаниите да имаат реализирано испорака на битумен во последните 3 години по најмалку 15.000 тони годишно, да имаат 3 тековни договори за набавка со реномирани производители – рафинерии на битумен и да поседуваат 15 автоцистерни за црни горива.

Иако јавното претпријатие се изјаснило против, второстепената комисија ја прифатило жалбата. Сепак, и двете компании кои иницирале промени во условите потоа не учествувале во постапката и не поднеле ниту првична понуда.

Поврзани новости