Случајот „Афис“ фати пајажина, и по четири години се уште е во предистражна постапка

by fokus 13:35
13:35
Дури четири години и два месеци кривичната пријава која до Обвинителството за организиран криминал ја поднесе пратеничката Фросина Ременски за аферата „Афис“ се чува во фиока. По изминатиот временски рок слободно може да се заклучи дека предметот се чува во фиока бидејќи на прашањето во која фаза е истрагата за овој случај, од обвинителството добивме одговор дека се уште е во предистражна постапка.
-Предметот за кој покажувате интерес познат во јавноста како „Афис“ е во предистражна постапка, се работи на прибирање и анализирање на писмената документација, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за која јавноста навремено ќе биде информирана, одговорија за „Фокус“ од Обвинителството.
Кривичната пријава Ременски ја поднесе на 4 април 2013 година, кога како продеканка на Факултетот за безбедност увидела дека исчезнале три врвни лаборатории за крим вештачења и пресретнување на елеконтронските комуникации. Тогаш таа обелодени дека опремата се набавила во рамки на големиот проект на владата за осовременување на Универзитетите, но овие лаборатории никогаш не стасале на Факултетот за безбедност.
Документацијата што Ременски ја приложила во обвинителството потврдува дека Министерството за образование и наука платило три уреди во вредност од 2,5 милиони евра, но само на еден му се знае трагата, тој што го поседува Министерството за внатрешни работи (МВР), иако претходно бил наменет за Факултетот за безбедност.

 

Ременски пред една година истакна дека по пријавата не се постапува бидејќи се врши притисок врз обвинителката. Според неа, и покрај црвстите докази кои го има доставено до обвинителството, случајот не се поместува од мртва точка. Таа обвинува дека се вршат опструкции поради фактот што цело време се менуваат истражителите од МВР кои го водат случајот, како и фактот што информациите кои ги даваат институциите се менуваат во текот на годините.

–Добив уверување дека сите активности кои се преземаат од страна на обвинителството и дополнетото доставување на информации од мене како пријавител тогаш во вршење на должност продекан и професор на факултетот за безбедност, ќе заврши со обвинение во кое што би имало најмалку 20 обвинтети лица, со што се вклучени и актуелни министри и актуелни вицепремиери во владата заради фактот што во минатото извршувале и други функции во владата, исткна пред една година Ременски.

- Advertisements -

Медиумите претходно објавуваа дека во овој случај се опфатени поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески.

Пешевски потпишал одлука на владата, преку која опремата се пренесува на Факултетот за безбденост на трајно користење без надомест, а во која се наложува МОН и деканот на факултетот за безбедност да склучат договор за правата и обврските околу поремата. Сепак, владата два месеца по одлуката носи нова одлука, овојпат потпишана од Ставрески, со која опремата која никогаш не стигнала до факултетот за безбедност се одзема и се дава на трајно користење на Министерството за внатрешни работи.

Но, наместо со обвинение очигледно е дека случајот фати пајажина. Затоа се обидовме да стапиме во контакт и со обвинителката која го „работи“ предметот, Гордана Смаќовска, но таа не одговори на нашиот телефонски повик и смс порака. Како што дознаваме Смаќовска од неодамна, заедно со уште тројца обвинители од Одделението за организиран криминал, е ангажирана и по предмети за случувањата на Крвавиот четврток во Собранието, на 27 април.

Додека пак овој случај се чува во фиока, Ременски и нејзиниот сопруг низ годините се соочија со голем број опструкции. Тие цели три години биле нелегално прислушувани, и тоа откако ја открила аферата, а потоа беше и разрешена од позицијата Продекан на за настава на Факултетот за безбедност. Нејзиниот сопруг, пак, со години беше деградиран во институцијата каде што работи, Министерството за внатрешни работи.

Валентина Вурмо

Поврзани новости