Случај „Монструм“: Судија, не ги заборавајте солзите на нашите мртви деца!

by fokus 13:10
13:10

По втор пат се одложи сведочењето на загрозениот сведок, со псевдоним Е1, кој денеска во Кривичниот суд требаше да открие што видели и слушнал дента кога се случи петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, но и деновите претходно. Ненадејно, како што рече судијата Огнен Ставрев, се разболел неговиот колега Осман Шабани, поради што мораше да се одложи рочиштето. Првиот пат пак одложувањето се случи поради техничката неспремност на судот.

-Се беше спремно за денес, ама утрово претседателот на судот ме информираше дека судијата Шабани е на боледување. Вчера беше на работа, а боледувањето му е од денес, се правдаше судијата Ставрев.

- Advertisements -

Родителите на убиените момчиња револтирано му се обратија на судијата обвинувајќи дека се служат со истите тактики од минатото, бидејќи пред објавувањето на првостепената пресуда, исто така, ненадејно се разболе судијата Ивица Стефановски.

-Тогаш судијата Ивица легна на постела, а сега го легнавте судијата Шабани. Првиот пат се чекаше ВМРО- ДПМНЕ да направи влада со ДУИ, па потоа следуваше пресудата. Сега веруваме дека ова е контролирано од центарот Зоран Заев и шесте функционери на ДУИ, кои се кријат како државна тајна, реагираше Горан Наќевски.

Судијата Ставрев ги убедуваше дека тие не се под никаква контрола.

-Нема никакви игри. Мислите мене ми е лесно, но виша сила е што се разболел колегата, истакна судијата Ставрев.

Боледувањето на судијата ги подгреа сомнежите на родителите дека повторно политиката вмешала прсти во расветлувањето на вистината за овој случај, бидејќи слична случка имаше и во 2014 година.

Тогаш читањето на првостепената пресудапрвично беше закажана за 18 јуни 2014 година. Но, кога требаше да се влезе во судница, новинарите и заинтересираната јавност беа информирани дека читањето се одложува за 30 истиот месец, бидејќи судијата се разболел, поточно дека имал грип со висока температура. Случајно или не, наредниот ден, пак, на 19 јуни, во Собранието требаше да се избере новата Влада. И таа се избра, ама без претходниот ден да се прочита одлуката за „Монструм“. Тоа се случи на крајот на месецот кога веќе коалициските партнери беа удобно сместени во фотелјите.

Зошто судијата беше болен пред објавата на пресудата? Како се разболе баш пред формирање на владата? Целта беше прво да се направи владата, па после да се објави пресудата. За да предвреме не се налути коалициониот партнер, или поточно да не се разочара неговото гласачко тело, кои можеби ќе протестираа против изборот на новата влада, обвинуваа тогаш родителите.

Овој пат, со разболувањето на судијата Шабани, изостанаа детали, односно не беше посочен здравствениот проблем на судијата.

На крајот од рочиштето една од ужалените мајки истакна дека можеби судијата навистина бил болен, но посочи дека досега биле излажани многу пати, па затоа веќе никому и во ништо не веруваат.

-Судија, ве молиме не ги заборавајте солзите на нашите мртви деца!, рече една од мајките.

Според првостепената и второстепената пресуда кои беа укинат од Врховниот суд, овој сведок открил детали за логистиката, односно за тоа како била избрале локацијата за масакарот. Па така изјавил дека неколку дена пред да биде извршено убиството кај Смиљковското Езеро во повеќе наврати ги видел обвинетите Сами Љута, Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ и тоа наутро околу 6 часот и попладне околу 18 часот.

-Загрозениот сведок во период од година и пол беше сослушан четири пати. При секое сослушување загрозениот сведок без двоумење ги препозна и посочи лицата кои критичниот период ги гледал на Смилковското Езеро. Од овие причини судот смета дека загрозениот сведок на објективен, непристрасен начин изврши препознавање.., се вели во пресудата.

Адвокатите на одбраната пак го оспоруваа сведочењето на загрозениот сведок. Насер Рауфи, адвокат на обвинетите, тврди дека заштитениот сведок Е-1, давал противречни изјави, околу описот на обвинетите и нивното препознавање на фотографија.

Сведочењето на овој сведок беше спорно и за Врховниот суд, за што се изјаснија во одлуката за укинување на двете пресуди. Односно, потенцираат дека овој сведок Е-1 бил сослушан неколкупати во текот на постапката, при што се утврдиле суштински разлики во неговото сведочење. Посочуваат дека во истрагата како еден од извршителите сведокот го препознава лицето Алмир Дрпљанин, кој, пак, воопшто не е обвинет во оваа постапка.

Со повторното сведочење на овој сведок, сега кога случајот е под палката на СЈО, овие дилеми треба да се разрешат. Неговиот распит треба да биде пред очите на јавноста, иако судот најпрвин се противеше. Сепак бидејќи и обвинителството и одбраната се согласија и инсистираат јавноста да биде присутна, судијата Огнен Ставрев попушти. Сведокот ќе биде сместен во некоја тајна просторија, а во судница неговиот заматен лик ќе се гледа на монитор, а ќе се слуша и неговиот глас кој ќе биде мутиран, за да не може никој од присутните во судница да го препознае.

Во случајот „Монструм“ за убиството на Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Филип Славковски, како и рибарот Борче Стевковски, што се случи на 12 април 2012 година обвинети се Агим ИсмаиловиќФејзи АзириХаки АзириСами Љута, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

Валентина Вурмо

Поврзани новости