Словенија го усвои планот за вакцинација: Прво ранливите категории и постарите лица

by fokus 20:20
20:20

Планот за вакцинација против Ковид-19, усвоен од словенечката Влада за првата половина на оваа година, предвидува најпрво да се вакцинираат ранливите групи и постарите лица, додека оние надвор од овие категории ќе бидат вакцинирани на пролет.

Ова го изјавија на прес-конференција премиерот Јанез Јанша, кој до именувањето нов министер за здравство, привремено ја извршува и оваа должност, и директорот на Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ), Милан Крек.

- Advertisements -

Досега, во Словенија се вакцинирани повеќе од 20.000 лица, претежно во домовите за стари лица и во болниците.

– Словенија планира да употреби четири вакцини за имунизација и во петокот успеа да склучи договор за испорака на уште 900.000 дози од вакцината на „Фајзер/БиоНТек“, откако производителите ја зголемија планираната количина во споредба со претходните најави, изјави Јанша.

Тој посочи дека наскоро ќе бидат достапни уште три вакцини кои сè уште не се одобрени од Европската регулаторна агенција за лекови (ЕМА), вклучувајќи ја и вакцината на „Астра Зенека“.

Според Јанша, стратегијата за вакцинација на Словенија се заснова на препораките на Европската комисија. Најпрво ќе бидат вакцинирани приоритетните групи – постари граѓани и други ранливи категории, а оние кои не се на приоритетната листа не можат да сметаат за имунизација пред пролетта.

Словенија планира да вакцинира 1,6 милиони луѓе или 60 проценти од населението до август годинава. 

Поврзани новости