Слободан Богоевски не ги наклеветил Али Ахмети и Муса Џафери, одлучи Апелација

by fokus

Апелациониот суд денеска донесе одлука според која поранешниот разузнавач Слободан Богоевски не ги наклеветил лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот вицепремиер, Муса Џафери, против кои сведочеше во случајот „Маѓар Телеком“.

Второстепениот суд ја прифати жалбата на Богоевски и донесе мериторна одлука според која тужбата на двајцата интегративци била недопуштена.

Ова е втор пат како Апелација одлучува за овој случај. Претходно во два наврати Граѓанскиот суд донесе одлука според која Богоевски сторил клевета.

Ахмети и Џафери ја поднесоа тужбата откако Богоевски во исказ пред њујоршкиот суд навел дека на двајцата функционери на ДУИ им било исплатено мито од „Маѓар телеком“ во износ од по 2,5 милиони евра во 2005 година. Богоевски во сведочењето пред Окружниот суд во Њујорк тврдеше дека поранешните директори на „Маѓар телеком“ дале 2,5 милиони евра поткуп и на тогашниот премиер Владо Бучковски. Наводно, Бучковски, Ахмети и Џафери биле поткупени за да оневозможат влез на друг телекомуникациски оператор во Македонија.

Ахмети и Џафери во тужбата бараа отштета од 90.000 евра, но за време на постапката пред Основниот суд 2 го повлекоа таквото барање.

Поврзани новости