Сликовито, зошто во Америка нема полициски час

by fokus

Композиторот Ристо Вешков, по потекло од Кавадарци, кој со децении наназад со семејството живее во Њу Џерси, САД, сликовито појаснува зошто во Америка нема полициски час.

Тој објави фотографија на која се гледаат десетици лица кои на растојание од два метри и повеќе, стрпливо чекаат ред пред голем маркет.

-Денес бев во голема продавница да купам капки за очи. Надвор имаше редица од луѓе од околу 200 метри. Сите носеа маски и беа дисциплинирани. Ако некој случајно се доближи до тој што е пред него, му кажуваат – Ќе те молам држи растојание.
Исто е и внатре, сите носат заштитни маски.
Е затоа овде нема полициски час – појаснува композиторот.

Кај нас, во голем број на маркети не се почитуваат мерките за задолжително растојание. До вчера, пред да стапат на сила новите мерки на Владата за задолжително носење на заштитни маски, голем број на купувачи се движеа низ маркетите беа соодветна заштита, но и многу продавачи го избегнуваа носењето на маски или пак ги носеа симнати под брада.

Од денес, задолжителна е мерката носење заштитна опрема за покривање на устата и носот.

-Маските или марамите треба да се носат при движење на отворен простор, затворен јавен простор и во јавниот сообраќај.
Заштитна опрема задолжително се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица, како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи како и при користење јавен превоз. На отворено, заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да ја одржувате физичката дистанца од 2 метри до другите лица во близина.

На отворено, заштитна опрема НЕ се носи само ако престојувате во дворот или терасата од вашиот дом; ако возите велосипед, ако спортувате на отворено или ако се возите во патничко возило со лица со коишто живеете во заедница или домаќинство – информираше вчера премиерот Оливер Спасовски.

Исто така, на сила остануваат и забраните за групирање на повеќе од две лица, како и задолжително растојание од два метри во затворен и отворен простор, кои се активни веќе извесен период, како и препораката да не се излегува непотребно.
За сите кои ги прекршуваат мерките предвидени се казни.

Вики Кинчарова

Поврзани новости