Следува променливо и врнежливо време, па студен ветер

by fokus

До крајот на денов времето во нашата држава ќе биде променливо облачно, додека во западните предели има услови за послаби локални врнежи од дожд. Во вечерните часови врнежите ќе се интензивираат и ќе се прошират на повеќе места, а има услови и за ретка појава на грмежи. На високите планини повторно ќе има услови за провејување на снег.

Потоа до сабота ќе се задржи променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во сабота доцна попладне и навечер поради продор на постуден воздух од север на планинските места над 1000 – 1100 м.н.в ќе има услови за слаби локални врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југозападен правец и тоа најизразен во петок. Во сабота пак, поради споменатиот продор од север ветерот ќе го промени правецот во северен и во северозападен.

До сабота максималните дневни температури на воздухот ќе бидат над просекот и ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 18 степено додека во најтоплите региони истите се очекува да се искачат и до околу 20 степени. Позначителен пад на температурите, особено на оние минималните ќе има во недела наутро и истите ќе се спуштаат во интервалот од -3 до 5 степени, на повисоките и планинските места истите ќе бидат и пониски. Максималните температури пак во недела ќе се искачуваат во интервалот само од 6 до 14 степени а времето ќе биде претежно стабилно, суво и сончево со умерена локална облачност.

Подготви: Славчо Попоски

Поврзани новости