Следува нов бран на врнежи, локално и ПОИНТЕНЗИВНИ

by fokus

По релативно стабилното и суво време без врнежи, но со појава на магла и на ниска облачност по одделни котлини следува нов бран на врнежи во државава. Сето ова ќе биде под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север. До крајот на денов на повеќе места ќе се прошират повремени врнежи од дожд, на планините врнежите ќе бидат од снег, локално врнежите ќе бидат поинтензиви и тоа најмногу на југоисток каде локално се очекува да наврнат над 30 л/м2 воден талог за време на овој бран на врнежи. Во останатите предели локално количеството на воден талог ќе надмине 20 л/м2.

Во текот на денешната ноќ поради падот на температурите врнежите од дожд ќе поминат во врнежи од снег и на некои од повисоките места со надморска височина од околу 1000 метри, не се исклучува можноста повремено врнежи од дожд и снег да има и на местата со надморска височина нешто помала од 1000 метри. Поради овие врнежи на повисоките места и на планините се очекува формирање на нова снежна покривка. Ќе започне да дува умерен, повремено на некои места засилен ветер од северен и од североисточен правец.

До крајот на денов температурите на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 12 степени, утре истите ќе бидат уште пониски и ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 10 степени. На повисоките и на планинските места истите ќе бидат уште пониски, односно ќе биде уште постудено.

Спроред најновите направени анализи, во следниот период повторно се очекуваат нешто почести врнежи. Односно следуваат серии на влажни бранови но со подетални анализи околу ова понатаму.

Подготви: Славчо Попоски

Поврзани новости