Ние како советници немаме никаква информација од страна на службите и градоначалничката за она што се случува во ЈСП затоа што на некој начин тој е посредник во извршување на јавниот превоз кој што треба нели да ги плаќа услугите на приватните превозници, вели Трајко Славески претседавач на Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Анализа на ТВ 24.
Славески посочи дека советниците немале ниту информација за заостанатите три плати во ЈСП ниту пак за најавениот штрајк на вработените додавајќи дека тогаш се издвоиле 133 милиони денари од другите ставки на градскиот буџет и тоа како што рече тој тоа беше изнасилено решение со давање на задачи на градоначалникот се со цел да се реши ситуацијата.
Исто немавме никаква информација неколку дена пред најавениот штрајк на ЈСП, па моравме две вонредни седници да одржиме и да донесеме некакво изнасилено решение со давање на задачи на градоначалникот да најде 133 милиони денари кои што советници ги изгласаа, рече тој.
Славески истакна дека не знае од каде ќе се најдат парите за исплата од Град Скопје кон приватните превозници, укажувајќи дека една од причините за ваквата состојба е лошото менаџирање на директорот на ЈСП, кој требало да ги подмири другите субјекти.
Сега испаѓа дека оваа дупка на ЈСП била многу поголема. Станува збор за побарувања од страна на приватните превозници од околу еден милион евра, тоа е застрашувачка цифра и јас не знам од каде ќе се обезбедуваат тие пари, бидејќи изгледа дека ЈСП не продуцира доволно приходи поради најверојатно лошо менаџирање, како и поради онаа обврска која Град Скопје ја испорачува кон Владата од околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз. Значи суштинско е што ние се наоѓаме затечено од целата ситуација. Над 2 милиони евра се одвоија од други ставки на буџетот за исплата на три плати во ЈСП, а сега испаѓа дека тие му должат уште 1 милион евра на други субјекти. Да имаме една време информација затоа што тоа треба некој да ги следи, а тој некој е раководните органи и директорите во самите јавни претпријатија, а советниците се држат во магла, потенцираше Славески.