Слаткар: Го сакам шаренилото и ја почитувам реалноста!

by fokus 10:45
10:45

Марко Маринковиќ, во јавноста познат како Слаткар, е хипхоп-музичарот, кој пред околу седум години, со издавањето на својот прв соло-албум „Слаткаристика будало“ стана еден од најпопуларните пејачи кај нас. Неговите настапи до ден-денешен се едни од најпосетените, а неговата армија фанови од сите генерации со нетрпение го очекуваат секој негов нов сингл. И покрај тоа што во своите песни често критикува, а неретко се случува и да пцуе, тој важи за музичар во земјава, чии нумери имаат најголема гледаност на музичкиот интернет-канал Јутјуб. Сепак, за „Фокус“ вели дека, и покрај музичките успеси, кај нас поголеми ѕвезди од пејачите се политичарите, а не се согласува со ставот на некои негови колеги што претпочитаат да молчат и да не ја коментираат политичката состојба во земјава, плашејќи се дека ќе останат без настапи, бидејќи, според него, еден музичар може да остане без настапи само тогаш кога ќе престане да прави добра музика.

разговара Вики Клинчарова

- Advertising -

Фокус: Јавноста те запозна во 2005 година како член на Единствена опција, а веќе во 2009 година со првиот соло-албум „Слаткаристика будало“ направи еден вид хипхоп-револуција во земјава. Дали го очекуваше успехот, како го прифати, и какво е чувството да се биде револуционер во земја како Македонија, да се направат промени во музиката, да ѝ се приближи хипхоп-стилот на нашата публика?

Слаткар: Секоја добра промена се прифаќа и е поддржана од многу луѓе, но истата таа промена ја осудуваат исто толку многу луѓе. Старите викаат дека колку луѓе те сакаат поради успехот што си го направил, двојно повеќе не те сакаат поради тоа што во нешто си успеал!

Сепак, за мене чувството е одлично кога не го следиш трендот, туку го создаваш.

Фокус: Кога веќе сме кај револуцијата, како гледаш ти на Шарената револуција, на сето она што моментално се случува во земјава, те радува ли будењето на народните маси?

Слаткар: Ме радува кога човек има свој сопствен глас, го сакам шаренилото и ја почитувам различноста. Не дај боже сите да размислуваме исто и да гледаме црно-бело. Јас сум секогаш за секој човек, секоја народна, истомисленичка маса да се бори за своите ставови, идеали и мисли за подобро утре.

Фокус: Меѓу активистите на протестите сѐ повеќе има млади луѓе, незадоволни од системот во кој живееме. Што би им порачал ти на сите твои фанови што будно ги следат настаните поврзани со тебе, а се дел од оваа револуција?

Слаткар: Пасош у рака, на лево и гитла! Се шегувам, затоа што јас живеам, работам и творам тука. Никој среќен не го напушта својот дом! Го поддржувам секој што јасно знае зошто е излезен на улица, било шареното или актуелното, ама ако нема цел, ако не знае зошто „ака“ по улиците, затоа што спие до два попладне и не знае што со себе, му препорачувам да пушти тоа боите или сендвичите и да се фати за лопата.

Фокус: Не го криеш од јавноста твоето минато, детството во тешки услови, немаштијата. Иако од времето кога ти си бил дете имаат поминато многу години, сепак голем е бројот на деца и семејства кои и денес се борат со немаштија. Мислиш ли дека еден ден во Македонија ќе се живее достоинствено, дека ќе нема огромни класни разлики, дека сите деца ќе можат да добијат детство какво што заслужуваат, а возрасните ќе добијат некаква социјална сигурност?

Слаткар: Ние сме деца на транзиција, нашите може и помнат нешто добро, а јас се надевам дека ќе се промени нешто, некогаш за да излеземе од лудилото што ни е поминато во навика од 1991 година, па наваму. Доста ни е од живеачката од ден за ден. Сепак, мислам дека прво треба ние како луѓе да се промениме, а не само да ги менуваме политичарите. Да почнеме да го цениме нашето, да не нѐ јаде злобата и завидливоста кон туѓото. Проблемот е во сите нас. Гоце Делчев кажал дека не познава друг народ што толку многу си самонаштетил како македонскиот!

Фокус: Дали спасот за земјава според тебе лежи во избор на чесни политичари и мислиш ли дека такви воопшто постојат?

Слаткар: Политиката е проститутка! Постојат ли чесни проститутки? Можеби тие што ги излажале дека ќе бидат манекенки, а најчесто тие се млади и неискусни. Јас шанса би им дал на тие млади луѓе, на пример родени во 1980-тите, луѓе со идеали, не многу искусни. И така ќе им треба едно 10 години за да се расипат, а за 10 години без крадење можеме да станеме Словенија.

 Фокус: Може ли со помош на музиката да се влијае врз општата состојба во една земја, да се смени свеста на народот со помош на стиховите и со пораките што музичарите што имаат армии на следбеници, ги праќаат до јавноста?

Слаткар: Не, бидејќи веќе одамна политичарите се поголеми ѕвезди од нашите музичари иако нашата публика плаќа за да нѐ види на концерт, а нивната публика е платена за да им дојде на митинг!

Фокус: Ти си еден од ретките музичари кај нас чии песни уриваат рекорди на музичкиот интернет-канал Јутјуб. Треба ли музичарите како тебе, кои се исклучително популарни, во овие времиња да се вклучат со свои ставови или, пак, да си стојат понастрана од политиката и настаните?

Слаткар: Јас имам повеќе критички песни, т.е. мои ставови. Мојот начин на изразување е преку музиката, моето оружје се моите песни. Пример „Оф мори мајко“ е песна со директна критика, ама критика за сите македонски политичари. Кога фрлаш ѓубре, не е во ред половината што повеќе пцовисала да ја фрлиш во канта, а другата половина да не сакаш да ја фрлиш поради тоа што сѐ уште не почнала да смрди!

Фокус: Често се случува, кога од некои твои колеги бараме мислење околу политичката криза, да ни кажат дека се плашат јавно да зборуваат, за да не останат без настапи и без владини субвенции. Дали Слаткар се плаши да го каже тоа што го мисли и дали некогаш поради искреноста западнал во непријатни ситуации?

Слаткар: Без настапи ќе останеш само тогаш кога луѓето ќе престанат да те слушаат, т.е. кога ќе престанеш да правиш добра музика – политиката тука нема моќ! А владини субвенции треба да земаат луѓе како Влатко Стефановски, Гаро Тавитјан, Бодан Арсовски, Калиопи, Владо Јаневски, Кирил Џајковски, Ристо Вртев… Луѓе што немаат години за борба, а своето го имаат изработено и нивното дело е докажано. Државата треба нив да ги награди.

Искреноста општо знае да ме однесе каде што не треба 🙂 Ама не ми чуе… – раскажа Слаткар за „Фокус“.

Поврзани новости