Скромен хуманист од Росоман им донесе радост на две дечиња без мајка: Му ветивме дека ќе учиме и носиме петки!

by Fokus 17:22
17:22
Пене Александров од Росоман денес израдувал две дечиња кои живеат со својот татко во село Трстеник, со комплетно реновирана и опремена со нов мебел, детска соба.

Гестот на скромниот хуманист од Росоман ја трогна јавноста, откако веста за неговата донација беше објавена на локалната телевизија КТВ. Но, и покрај апелите да излезе и да раскаже пред камери за овој чин, тој не сакал да се експонира, туку само порачал неговиот пример да го следат и останатите граѓани кои се во можност да помагаат, да се разбуди хуманоста, посебно кога се работи за деца.

- Advertisements -

Дечињата кои што добија нова соба, Слободанка и Димитрија Гаврилови, живеат заедно со нивниот татко Драган, чии месечни примања изнесувале 7.000 денари. Пред камерите на КТВ, тој изјави дека Александров е првиот човек кој што му пружил помош.

,,Две деца, сам родител, да бидеш мајка и татко е многу тешко. Благодарен сум му на господинот Пене кој е првиот што дојде во мојата куќа и ми помогна’’ – изјави за локалната телевизија Драган, додека децата радосни поради новата соба, порачаа дека ќе го исполнат ветувањето дадено кон Пене, да учат и да носат само петки.

Од старата трошна соба на Слободанка и Димитрија останала само фотографијата од нивната мајка која одамна, многу млада починала. Прилогот кој денес се емитуваше на локалната телевизија предизвика емоции кај јавноста. Лавина од позитивни коментари и желби за добро здравје на хуманиот човек од Росоман, кој ветил и нова дневна соба за семејството Гаврилови, но и апели за хуманост и повеќе вакви акции, се упатуваат на социјалните мрежи посветени на Тиквешијата.

Како што дознаваме, Александров во повеќе наврати помагал на многу социјално загрозени семејства, но секогаш претпочитал да остане во сенка, и да не зборува јавно за своите дела. Жители на Росоман ни раскажаа дека се работи за скромен човек, кој помогал поради својата голема човечност, и никогаш не сакал да си прави себепромоција со својата хуманост.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости