Скопската снаа Јасмин: Судбината ме донесе во Македонија, а јас ви носам кубанска страст!

by fokus

Во време кога на нашата естрада најчесто се актуелни преработките на стари песни, како на традиционалните македонски, така и на светски хитови, вистинско освежување ни доаѓа од далечната Куба. Јасмин Лопез, моќниот вокал од дуото ,,Беле Беле”, откако пред една година стана македонска снаа и се омажи за скопјанецот Ѓорѓи, решила да ја продолжи својата музичка кариера на нашите простори, а деновиве сними и спот за својата авторска песна ,,Фиеста Латина”.

Вели дека во Македонија ја пронашла љубовта на својот живот и има исполнет живот, но сфатила дека на нашата естрада и недостига страст. Ќе ви донесам кубанска страст на сцената – раскажува за ,,Фокус” и најави многу нови проекти.

-Живеев во Македонија цели пет години. Многу ја сакам вашата земја, за која сега со гордост велам дека е и моја земја. Се вратив во Куба, но ми недостигаше тој посебен дух, таа топлина која што ја сретнав овде. Пред една година повторно дојдов во Македонија, и сосема непланирано ми се случи голема љубов. Го запознав човекот на мојот живот, Ѓорѓи, се венчавме и сега сум македонска снаа. Прифатена сум од луѓето и драго ми е што судбината ме донесе овде – открива Јасмин.

Додава дека со години наназад се занимавала професионално со музика, па така и сега, откако живее во Скопје без двоумење решила да ја продолжи кариерата.

-Во Македонија има многу квалитетни пејачи, но сепак решив и јас да впловам во овдешните естрадни води, да градам балканска кариера со мојата кубанска страст, која може од прво слушање да се почувствува во моите песни. Деновиве ја снимив песната ,,Фиеста Латина” и спот за неа. Се снимаше на езерото Младост во Велес, во хотелот Романтик. Режисер на спотот е Зоран Василевски, одлично го изработи целиот проект, направивме интересно летно освежување. Зад мене стои цел тим, имам ангажирано стилисти, шминкери, танчери, ПР тим… Не сакам ништо да биде оставено на случајноста, научена сум да работам професионално, да внимавам на секој детал. Само така се покажува почит кон публиката, со посветена работа – вели Јасмин.

Таа веќе работи на својата нова песна, овојпат балада, која за неа ја напишал композиторот Григор Копров. Со истата ќе настапи на фестивалот ,,Охридски трубадури”.

Исто така, веќе има и редовни настапи во клубови и дискотеки.

Вики Клинчарова

Поврзани новости