„Скопје Синема Сити“ со почест за германскиот бенд Крафтверк

by fokus

Во периодот од 15-19 јуни, во киносалата на Кинотека на Македонија ќе се одржи третото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“.

Фестивалот како дел од својата програма прикажува документарни филмови чијашто главна тема е музиката, без оглед на жанрот или годината на продукција, со цел да создаде едно богато музичко искуство и патешествие. Една од целите на фестивалот е да го прикаже богатството на денешниот музички свет, изразен преку музичките документарци.

Изминатите две изданија Фестивалот ги започнуваше со посвета на големи музички имиња како Дејвид Боуви и Леонард Коен, со чии документарни филмови и изложби почнуваа овие изданија, за после да следат филмови за најразлични уметници или жанрови, како Ник Кејв, Лед Цепелин, Пинк Флојд, Џој Дивижн, како и филмови од домашната продукција – за Влатко Стефановски, Културно-уметнички работници, Сеад Хаџиќ Сецко.

Оваа година Фестивалот му оддава почест на германскиот бенд Крафтверк, пионерите на електронската музика, со чијшто документарен филм „Поп Арт“ на режисерите Ханс Росашер и Симон Витер ќе се отвори Скопје Синема Сити. Тоа што ќе следи во петте дена на фестивалот се музички филмови од светот на џез, поп, рок, електронската и класичната музика. На изминатите изданија Фестивалот започна соработка со британскиот национален сервис BBC, a оваа година таа соработка продолжува и понатаму, со нови филмови, а се отпочна соработка и со американскиот национален сервис PBS се со цел за поразновидна и поквалитетна понуда.

Фестивалот е организиран од граѓанското здружение Номад-Арт во соработка на Кинотека на Македонија.

Поврзани новости