Скопјанката Менче: Не почитувате мерки, а јас умирам од болки и чекам за операција во Србија!

by Fokus

Министерот за здравство, Венко Филипче во понеделникот порача дека се уште е рано за отворање на границите поради зголемениот број на заразени лица од корона вирусот.

Тоа никако не и се допадна на младата скопјанка Стаменка Трповска, која со душа чека да замине на повторна операција на ногата во Србија.

Фокус“ пишуваше за Менче уште минатата година кога во рекордно време беа собрани парите за операција во нашиот северен сосед, но скопјанката е сега пред нова борба.

Таа ни раскажа низ што се поминала во изминатиот период и со какви проблеми се соочила.

Откако ја направив лани операцијата, првите три месеци не смеев ништо да правам освен некои минимални вежби, а останатите месеци кои следеа правев сериозна и напорна рехабилитација и тие кои искрено ми помогнаа многу во самите вежби и физикалната терапија, беа оние кои се грижеа за мене во цел тој напорен и макотрпен пат“, го започна разговорот Менче.

Пред да почне пандемијата на корона вирусот и се направиле компликации во левиот колк, па морало повторно да се прави хируршка интервенција.

Мојата рехабилитацијата се одвиваше прилично напорно, но, се беше онака како што препорача докторот. Во јануари годинава, пред да почне пандемијата нарачена корона, мене ми се случија компликации во колкот кои ќе треба да се средат по пат на нова операција во Белград. Не е толку страшно, колку што самото време на корона го направи да изгледа страшно и болно за мене. Во февруари правев испитувања во Белград и цел тој процес таму заврши почеток на март. Скоро цел месец помина, бидејќи јас морав да патувам и да се враќам за Скопје за секое ново испитување. Помина тоа и ние ја закажавме операцијата за 21 март“, додава таа.

Тоа и дало надеж дека конечно ќе успее да го реши проблемот со нејзината нога, но вирусот и ги расипал сите планови.

Една седмица пред да се оперирам, Србија воведе вонредна состојба и ги затвори границите, а тоа го прави и Македонија на 18 март. И јас останувам без ништо. Операцијата откажана, јас ништо не можам, короната зазема се поголем број на заразени, сите по дома, се почитуваат препораки, се слушаат новости во врска со пандемијата“, ја продолжува својата приказна Трповска.

Се надевала дека состојбата со корона вирусот ќе стивне, но за жал нема најава за такво нешто периодов. За тоа време, Трповска имала страшни болки и морала повторно да ги користи патериците.

Јас трпам болки од кога ми се случија компликациите, но пред две седмици ме фатија страшни болки кои ме вратија на патерици. Трпам и ќутам ама веќе нема смисла. Јас сум само една од многуте кои чекаат да се оперираат во странство, чекаат се ова да заврши за да можат да отпатуваат, но заболените на дневно ниво во Македонија не ни одат во прилог. Секој ден се повеќе и повеќе се заболени поради тоа што некои паметни не почитуваат препораки од властите и си се собираат на верски или пријателаки собири, додека јас чекам да се отворат границите за да одам да се оперирам во странство“, истакна скопјанката.

Таа упати и апел до сите граѓани да ги почитуваат препораките, со надеж дека нејзината приказна ќе допре до луѓето.

Да бидеме сите истрајни и ќе ни се исплати на крај. Дајте да го вратиме полека животот во нормала така што сега ќе почитуваме она што го препорачуваат властите. Јас сум со надеж дека ова ќе допре до граѓаните да бидат повнимателни и дека ќе допринесе во оваа борба со пандемијата“, го заврши разговорот Трповска.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости