Скопјанка тврди дека нејзиниот починат татко бил ограбен во ковид центарот: Зошто ги украле и документите на мајка ми која е тешко подвижна?!

by Fokus

Откако пред неколку седмици беше ограбен починат пациент од Инфективното одделение во Штип, скопјанка тврди дека истото негативно искуство го доживеало и нејзиното семејство. Тврди дека од ковид-центарот којшто се наоѓа до Клиниката за пулмологија во Скопје одземени се вредни работи и документи од починат пациент од корона вирус.

Таткото на Оливера Стојановска од Скопје починал на 29 ноември поради компликации од корона вирусот и од покојникот, како што тврди неговата ќерка, биле одземени вредни работи: паричник со околу 3.000 денари, документи и торба.

За ова непријатно искуство, Стојановска раскажа за „Фокус“ и верува дека ќе се најде сторителот на ваквото нехумано дело.

„Кога мојот брат заминал во ковид-центарот, каде чекал еден час, оттаму му го дале само мобилниот телефон на нашиот татко велејќи му дека „само тоа било од вредните работи“. Исчезнати се неговиот паричник и документи за мојата мајка. Тука се случил некаков пропуст, тоа е грешка на луѓето од ковид-центарот. Парите не се важни, но зошто некој ги зел документите? Сакаме целава случка да се расчисти, пријавено е во МВР. Виновник мора да има и веруваме дека истиот ќе биде казнет. Вакво дело да не се повтори на никој друг“, ни изјави Стојановска.

Фокус испрати прашања до Министерството за здравство дали имаат информации за овој случај, дали ќе има санкции и дали овој ковид центар го обезбедувале полицајци или војници.  Оттаму нѐ упатија во Министерството за внатрешни работи, а инцидентот се најде во денешниот полициски билтен, а МВР соопштува дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

-Вчера во 09:30 часот во Полициска станица Центар, Г. К. (48) од Скопје пријавил дека во периодот од 21 до 29.11.2020, во ковид-центарот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде бил хоспитализиран неговиот татко Д. К. (72), кој починал во центарот, од страна на непознат сторител одземен му е паричник во кој имало пари, лични документи и предмети, пишува во полицискиот билтен.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости