Скопјанец цели пет години изработувал фалс документи

by fokus

МВР поднесе кривична пријава против 60-годишен скопјанец кој е осомничен дека во период од пет години изработувал фалсификувани документи, од свидетелства и медицинска документација, до судски решенија и пресуди.

Еве го соопштението на МВР:

СВР Скопје-Единицата за економски и компјутерски криминал со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје го предаде А.М. (60) од Скопје, поради основи на сомнение дека во периодот 2012-2017 година во повеќе случаи го сторил кривично дело “фалсификување на исправа“, предвидено и казниво по член 378 од КЗ.

Имено,  А.М., во периодот од 2012 година наваму, во Скопје, откако претходно набавил соодветна опрема за изработување на фалсификувани документи, на повеќе лица државјани на Република Македонија, на лица со живеалиште и престојувалиште во странство, како и на странски државјани, на нивно барање, откако истите ќе му ги дале личните податоци, им изработувал разни лажни јавни исправи со невистинита содржина на лажни обрасци наводно издадени и заверени со печат и потпис од државни и јавни институии во РМ.

Пријавениот иако знаел дека изработката и издавањето на лични документи, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, свидетелства од образовни институции, сертификати, медицинска документација и други јавни исправи се изработуваат, заверуваат и издаваат исклучиво од органот што ги издава, истиот за паричен надомест во износ од 1.000 до 6.000 денари (во зависност од документот што требало да го направи) во временски период од речиси пет години за повеќе лица изработил, заверил и издал фалсификувани исправи.

По добиеното оперативно сознание дека пријавениот изработува фалсификувани јавни исправи, а со наредба на Основен суд Скопје I-Скопје,  завчера  (09.06.) извршен е претрес во домот на пријавениот при што се пронајдени и одземени компјутер, преносен компјутер, пластифицирана фолија, бланко пластични картички за изработка на лични карти, возачки дозволи и слично, скенер, печатар, електронски уред за печатење и пластифицирање на лични карти  и возачки дозволи, изводи наводно издадени и заверени со потпис и печат од Управата за водење на матични книги, судски решенија како и пресуди наводно издадени и заверени со потпис и печат од Основен суд Скопје 1 Скопје, потоа документи наводно издадени и заверени со потпис и печат од Министерство за внатрешни работи, нотарски печати, сертификати, уверенија за завршено образование и други јавни исправи, се наведува во соопштението на МВР.

Поврзани новости