Скандали наместо гламур на македонските избори за Мис: Почнавме со Вера, застанавме кај Емилија!

by fokus 13:04
13:04

На најстариот и најпрестижен светски избор за убавина, Мис на светот, Македонија веќе со години наназад нема своја претставничка. Последен пат нашата земја учествуваше на настанот во 2015 година, кога Емилија Розман не претстави во Саниа, Кина, и од тогаш паузираме.

Причината поради која Македонија не е дел од овој настан, како што уште пред седум години ни изјави Лидија Велковска, сопственичка на лиценцата Мис на Македонија за Мис на свет, се финансиите.


Државата не сакала да го помогне настанот со околу 35.000 евра, колку што Велковска проценила дека ќе и бидат потребни за да имаме избор каков што доликува, а ретки се и приватните компании кои би го поддржале изборот на Мис на Македонија.

Во годините наназад, од осамостојувањето, нашата земја учествуваше на Мис на свет 15 пати. За прв пат во 1996 година, кога не претстави Вера Мештеровиќ. Потоа следуваше пауза од пет години, за да во 2001 година Македонија повторно се вклучи во настанот, а претставничка ни беше Сандра Спасовска. Наредната 2002 година изборот падна на нејзината сестра Јасна, а во 2003 година тоа беше Марија Васиќ.

Од 2004 до 2015 година македонски претставнички беа Сара Леши, Милена Станивуковиќ, Марија Вегова, Јасна Стојановска, Сузана Ал Салкини, Стефани Борсова, Весна Јакимовска, Анета Стојкоска, Кристина Спасеноска, Мартина Димоска, и последната македонска мисица, Емилија Розман.

Во сите тие години, речиси да не се случи домашниот избор за Мис, да помине без скандали и јавни обвинувања и критики. Најчесто, на сметка на Велковска, поради непрофесионалност, поради необезбедување на соодветни услови за избраничката, поради нетранспарентност при изборот, а имаше и ситуации каде следеа обвинувања дека мисиците самите морале да си ги купуваат фустаните со кои ја претставуваа земјата на Мис на свет. Некои дури и јавно кажаа дека родителите освен што им обезбедиле гардероба, им ги платиле и патните трошоци.

Се одеше до таму, што Велковска и нејзиниот спонзор Ристо Димовски, нашинец кој живее во Австралија, завршија со пред конференции и јавни меѓусебни обвинувања за елитна проституција.

Така, наместо македонската јавност да ужива во гламурот на светски популарниот натпревар, сведочеше на редовни драми за време на секој домашен избор на Мис за Мис на светот.

Дали Македонија повторно ќе биде дел од најпопуларниот и најстариот избор за убавина, Велковска не дава одговор. Таа ја прекина комуникацијата со медиумите уште пред неколку години, а нејзината последна изјава за ,,Фокус” беше дека е уморна секоја година да гледа како се прави циркус од домашниот избор, и се пишува дека мисицата немала фустан или пак пари за авионски билет.

-Апелирам до заинтересираните министерства да најдат трајно решение и да ми се помогне. Со само околу 35.000 евра годишно, јас ќе можам да го организирам целиот настан како што доликува- беше нејзината последна изјава, која помина без одговор од државата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости