Скандал на Радиологија: Околу 1.200 пациенти, меѓу кои и болни од рак пола година чекаат резултати

by Fokus

Околу 1.200 пациенти, меѓу кои и болни од рак повеќе од шест месеци чекаат да им се прочитаат резултатите од компјутерска томографија и магнетна резонанса на скопската Клиника за радиологија, неофицијално дознава „Фокус“ од болнички извори.

Според нашите информации, од јануари досега не биле прочитани магнети на глава, врат, рбет, и еден и куп компјутерски томографии. Нашите извори тврдат дека на клиниката има повеќе од 20 лекари кои реално на дневно ниво еден доктор да чита 20 резултати за три дена ќе можат да се прочитаат сите резултати.

Како што дознаваме, многу од пациентите на кои животот им зависи од овие резулатите чекаат со месеци, а меѓу нив се и болни од карцином, кај кои треба веднаш да се реагира, за да знаат како понатаму со терапијата. Тоа што е уште пострашно во целата приказна е што дел од пациентите и починале додека да ги дочекаат резултатите.

ПАЦИЕНТИ УМИРААТ ДОДЕКА ИМ СЕ ПРОЧИТААТ РЕЗУЛТАТИТЕ

„Фокус“ разговараше со една мајка на 17 -годишно дете,  која на скопска Радиологија уште лани правела магнет на срце на својата ќерка, но резултатот се уште не е прочитан.

„Тоа што се случува таму е страшно. Дали некој знае дека пациентите умираат додека да дочекаат резултати. Ние чекаме повеќе од шест месеци да се прочитаат. Не разбирам на толку лекари што се случува“, револтирано објаснува мајката во изјава за „Фокус“.

Веќе подолг период голем дел од пациентите реагираат и до институциите преку преставки, барајќи начин да го спасат животот на нивните најблиски со оглед на тоа што таму одат болни кои имаат реални здравствени проблеми.

„Мајка ми почина додека ги чекаше резултатите. Кој ќе одговара за тоа. Тоа таму што се случува е страшно. Нека се преземе нешто, а јас и правно ќе преземам нешто против клиниката“, вели 33-годишна скопјанка.

Исто така, со дел од пациентите со кои разговаравме тврдат дека некои од лекарите им барале и по 50 евра, ако сакаат да им прочитаат еден резултат, што е страшно.

„Фокус“ се обрати и до актуелната директорка на Клиниката за Радиологија, Гордана Белческа од која побаравме да ни објасни која е причината за тоа што пациентите чекаат повеќе од шест месеци да им се прочитаат резултатите и зошто се случува тоа.

Сепак, директорката и покрај тоа што ги прочитала прашањата, не ни врати повратни одговори.

Исто така се обративме и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, каде прашавме дали до нив е поднесена представка од некои пациенти. Од таму добивме потврдни одговори.

„На 24 06 2022 , во ДСЗИ стигна представка за неиздаден резултат за извршено снимање во оваа институција.

 

Постапувајки по ЗЗЗ и Закон за права на пациенти , ДСЗИ ,веднаш- ( понеделник 27.06 ), изврии вонреден инспекциски надзор , при што , констатира дека постојат неиздадени резултати на веќе извршени дијагностички процедури“, истакна во изјава за „Фокус“, доктор Ирина Бухова, директорка на ДСЗИ.

Таа додава дека од  страна на ДСЗИ по извршениот надзор, при кој се констатирани недостатоци согласно надлежностите на Инспекторатот е издадено решение со кое установата ЈЗУ УИ за Радиологија се задолжува да се почитува рокот на важност на издадените упати.

„Резултатите од извршените дијагностички радиолошки иследувања да се издаваат по завршвање на иследувањето согласно медицина базирана на докази и да се почитуваат интерните општи акти од страна на вработените лица“, потенцира директорката на ДСЗИ.

На клиниката добиле рок за седум дена да постапат и да ги прочитаат сите резултати на пациентите.

Ирена Мулачка

Поврзани новости