СЈО за „Империја“ има одврзани раце да поднесе обвинение

by fokus 11:47
11:47

СЈО има одврзани раце до крај да го истера случајот „Империја“, односно по отворената истрага набрзо можат да поднесе и обвинение, бидејќи не им е истечен законскиот рок од 18 месеци за подигање на обвинителен акт.

Како што информираа од СЈО, за потребите на случајот превземале десетина предмети од редовното обвинителство, што значи дека рокот им тече од денот кога ги добиле овие предмети, а не од моментот кога ги презедоа „бомбите“.

- Advertisements -

-Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност, стои во член 22 од Законот за СЈО.

Станува збор за огромен предмет, со материјали од 2002 година, па се до 2013 година. Очигледно е дека овие документи со години фаќале прашина во редовното обвинителство, но сега од СЈО се одлучени случајот да го истераат до крај.

-Ја известуваме јавноста дека по спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети кои се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои воспоставена е надлежност на ова Јавно обвинителство, денес е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело, инфорираа вчера од СЈО.

Оттаму додаваат и дека во скоро време се очекува и проширување на истрагата за нови лица и нови кривични дела.

Во притвор од вчера се петмина од осомничените и тоа Јордан Камчев, Тодор Мирчевски, Цветан Панделески, Зорица Арсовска и Ненад Јосифовиќ.

В.В.

Поврзани новости