СЈО: УБК не ни дава круцијални докази, остануваме цела ноќ

by fokus

Специјалното јавно обвинителство се жали на опструкција во собирањето докази во зградата на Управата за безбедност и контраразузнавање, каде што денеска со судски налози влезе Катица Јанева со тим обвинители.

-И покрај првичната соработка дојдовме до момент на опструкција да прибавиме специфична информација и докази врз основа на судската одлука. Се работи за специфична информација која е круцијална за нашето работење- стои во објавата на СЈО на Фејсбук.

Таму се додава дека обвинители ќе дежураат во УБК во текот на ноќта, се додека не ја завршат работата.

-Специјалното јавно обвинителство во текот на целата ноќ ќе дежура во Управата за безбедност и контраразузнавање, се до конечно спроведување на наредбата – велат од СЈО.

Во просториите на Управата освен вработени лица од управата, обвинители и истражители од Специјалното јавно обвинителство, на покана на директорот, присутни во одредени периоди беа и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и заменскиот министер Оливер Андонов, се додава во објавата на СЈО.

Поврзани новости