СЈО со првиот извештај во атмосфера на опструкции и притисоци

by Фокус

Утре Специјалното јавно обвинителство, според законската обврска, треба да достави шестмесечен извештај за својата работа до Собранието и до Советот на јавни обвинители. Во извештајот, иако не се објавува пред да биде доставен, ќе бидат опфатени предметите кои се во надлежност на специјалните обвинители, особено оние за кои е отворена истрага.

Извештајот е логично да ги содржи активностите на СЈО, односно напредокот постигнат во однос на конкретни предмети. Освен текот на истрагите, за кои нема да се соопштат доверливите инфромации, обвинителите ќе мора да ги оправдаат трошоците. На ова ги обврзува Законот за Специјално јавно обвинителство.

Според информациите од СЈО биле започнати три истражни постапки за изборни нерегуларности, во кои главно осомничени се поранешни високи функционери на власта, како Јанкуловска и Јанакиевки, како и 15 нови предистраги кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките што се однесуваат на градежни работи.

Во предметот „Титаник“ кој прв беше преставен пред јавноста, се гонат девет лица. За нив специјалните обвинители побараа притвор, но судија на претходна постапка, а потоа и Советот на судот не одредија мерка за обезбедување. СЈО тврдеше дека тие можат да влијаат врз сведоци за што и понудиле докази, но судот, надвор од праксата, која подразбира одредување притвор секогаш кога се во прашање дела од организиран криминал, не се осуди да ги притвори функционерите на власта.

Делата кои им се ставаат на товар на осомничените во „Титаник“ се злосторничко здружување од чл.394 од КЗ, повреда на избирачкото право од чл.159 од КЗ, повреда на слободата на определување на избирачите од чл.160 од КЗ, поткуп при избори и гласање од чл.162 од КЗ, уништување на изборен материјал од чл.164 од КЗ и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ

СЈО отвори истрага и против членови на општинската изборна комисија во Чаир за кривично дело изборна измама како и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ.

Освен за предметите за кои имаат истрага можно е во извештајот на СЈО да се нотираат и одбивањата на државните институции кои не сакаат соработка. Претходно Катица Јанева објави дека голем број државни органи не сакаат соработка, иако тоа им е законска обврска. Беа споменати Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, Единицата за заштита на сведоци при МВР, општини,  министерства, Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Тоа практично потврди дека не престануваат опструкциите врз специјалните обвинители.

Во извештајот не смее да се испушти дека СЈО од самиот старт имаше пречки во работата и дека за овие шестмесеци практично работи едвај половината. Првите три месеци беа изгубени за комплетирање на тимот и за законски измени за да можат нормално да работат. Но таквите опструкции продолжуваат и понатаму. Допрва следуваат измени на законската регулатива за заштитени сведоци, како доуредување на просториите на „Рузвелтова“ за да може непречено да се спроведуваат актовностите.

Советот на јавни обвинители ќе треба да се произнесе и за Извештајот на СЈО, но и за двете обвинителки Марија Ѓоргева и Лејла Кадриу, кои Јанева ги отстрани од работа поради намален обем на дејствија. Од СЈО истакнуваат дека ќе го почитуваат рокот и ќе го достават Извештајот до надлежните.

Поврзани новости