СЈО се соочува со опструкции во УБК, ќе дежура цела ноќ

by fokus

И покрај првичната соработка дојдовме до момент на опструкција да прибавиме специфична информација и докази врз основа на судската одлука. Се работи за специфична информација која е круцијална за нашето работење, вели СЈО во информацијата објавена на страницата на Фејсбук во врска со истрагата во УБК.

СЈО е во УБК од утрово од 11 часот, каде што  истражува кој и како прислушувал, дали УБК или странски служби. Јанева попладнево информираше дека наидуваат на опструкции и дека од осми март барале податоци, но ништо од Управата не им било доставено затоа таму влегле со судска наредба.

„Ние не се откажуваме додека не ја извршиме судската наредба.” – повторно истакна специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Јавни обвинители и истражители на Специјалното јавно обвинителство во текот на целата ноќ ќе дежураат во Управата за безбедност и контраразузнавање, се до конечно спроведување на наредбата.

„Во просториите на Управата освен вработени лица од управата, обвинители и истражители од Специјалното јавно обвинителство, на покана на директорот, присутни во одредени периоди беа и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и заменскиот министер Оливер Андонов“, информира СЈО.

Поврзани новости