СЈО поднесе две обвиненија за “Талир”, Груевски, Јанакиески и Димовски меѓу обвинетите

by Fokus

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) поднесе две обвиненија за случајот “Талир”, од кои едното за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и едно за незаконска изградба на седиштето на партијата.

Соопштението на СЈО во целост:

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите денес до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе два обвинителни акти како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „ТАЛИР“. Од причини на целисходност, ова Јавно обвинителство ја раздвои постапката во предметот „ТАЛИР“, од кои причини поднесени се две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцираме дека со воспоставувањето на надлежност врз предметот преземен од Основно јавно обвинителство Скопје ова Јавно обвинителство, согласно член 5 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, е овластено за поведување и застапување на предметните обвиненија.

Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против шест физички лица и едно правно лице и тоа: лицето Никола Груевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ, Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. член 22 в.в. член 45 од КЗ; лицата Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 в.в. член 24 в.в. член 45 од КЗ и Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. 22 в.в. член 45 од КЗ; лицата Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. член 22 в.в. член 45 од КЗ и правното лице политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 12 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ.

Во конкретниот случај, на обвинетиот Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.

Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656,00 денари, односно 4.608.661 евра. Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

Отакако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Кон обвинението поднесен е и предлог за определување мерка притвор против првообвинетиот Никола Груевски, како и предлог за определување мерки за претпазливост спрема обвинетата Елизабета Чингаровска – обврска да се јавува еднаш неделно во Основен суд Скопје 1 Скопје и привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова.

Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

За реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75% од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај тоа што за правното лице ДГ Бетон АД Скопје важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, сепак обвинетите договориле несразмерна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало правното лице ДГ Бетон АД Скопје, овозможувајќи му да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од 424.733.242,00 денари, односно 6.906.231 евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата износ од 132.573.582,00 денари, односно 2.155.668 евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 50.142.400,00 денари, односно 815.323 евра.

На ваков начин, а спротивно на законските прописи, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424,00 денари, односно 8.246.576 евра.

И кон ова обвинение исто така поднесен е предлог за определување мерка притвор против првообвинетиот Никола Груевски.

Како што ѝ е веќе познато на јавноста, на барање на ова Јавно обвинителство Основниот суд Скопје 1 – Скопје на 31.10.2018 година донесе решенија со кои се определени привремени мерки-судска забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека и забрана за располагање со давање под закуп со прибелешка на забраната во јавна книга за 68 имоти на политичката партија ВМРО ДПМНЕ низ земјата, како и за седиштето на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во Скопје, а се однесуваат на имот стекнат во периодот од 2013 до крајот на 2015 година за кој постои основано сомнение дека е стекнат со противправните дејствија опишани во поднесените обвиненија и кои мерки се уште се во сила.

Поврзани новости