СЈО отвори истрага за патните трошоци на Бонева, за четири години наплатила 100.000 евра

by fokus

Специјалното јавно обвинителство покрена истрата под кодното име „Друмарина“ против Силвана Бонева, која како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, за патни трошоци за период од четири години наплатила од Собранието околу 100.000 евра.

Како што објави обвинителката, Фатиме Фетаи, Бонева се сомничи за кривично дело „измама во службата“.

-Осомничената во период од 25-ти јуни 2011 година до 16 декември 2015 година, до службите на Собранието поднела лажни фискални сметки од патарини за присуство на седници во парламентот. Доказите упатуваат на тоа дека истата имала сместување во Скопје и дека не ги остварила патувањата – рече Фетаи.

Според истрагата, Бонева доставила сметки од патарини за 843 патувања со своето возило, на релација помеѓу местото на живеење во Струмица и Скопје.

Извршената анализа на СЈО покажува дека доколку прикажаните патувања биле реално направени, поминатата километража би изнесувала 235.928 километри. Од доказите пак е утврдено дека вкупната километража за наведениот период која ја направило возилото изнесува 133.520 километри.

Според Фетаи ова покажува дека Бонева не ги направила прикажаните трошоци и дека го довела во заблуда Собранието. На овој начин прибавила против правна имотна корист во износ од 100.000 евра.

Од СЈО велат дека можно е истрагата да се прошири во повеќе насоки, со што би се опфатиле и други пратениците. Од таму напоменуваат дека, сепак, се ограничени само на кривични дела поврзани со прислушуваните разговори.

Поврзани новости