СЈО: Мијалков бил организатор на масовното прислушување, а и самиот кога сакал прислушувал

by fokus

Случајот за масовното нелегално прислушување “Таргет и Тврдина” ќе ја испише новата историја, ќе го обележи времето и ќе остави силна порака за идните генерации, рече  во својот воведен збор обвинителката Ленче Ристовска.

-Кога тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев почна да објавува материјали од прислушуваните разговори, на граѓаните само им се потврди она што веќе со години наназад им беше јасно и поради што при секој телефонски разговор велеа ” не по телефон, можеби не слушаат”, рече обвинителката Ристовска.

Таа ги опиша улогите и задачите кои ги имале обвинетите, но истакна дека и идеотворецот на масовното прислушување е тогашниот директор Сашо Мијалков, кој се водел од политички и бизнис интереси.

-Во текот на предистражната постапка обезбедени се голем број на докази и сведоци, кои ја разрешија дилемата и мотивот кој го вршел прислушувањето, рече обвинителката.

Во продолжение обвинителката опиша како течело нелегалното прислушување.

-Ќе докажеме дека Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ, раководени од желбата за сеопфатна контрола на протекот на информациите, а како би оствариле предност во политичката и бизнис сферата, формирале злосторничко здружување кое преку континуирана злоупотреба на системите за следење на комуникациите со кои располага УБК вршеле масовно нелегално прислушување, истакна обвинителката.

Таа појасни дека на ова злосторничко здружување се приклучиле и обвинетите Владимир Варелов, Васил Исаковски, Маријан Шумоликовски и тројца сведоци, меѓу кои и Звонко Костовски, при што секој имал своја задача.

-Обвинетиот Мијалков како директор на УБК бил организатор на групата и ги држел под контрола и надзор сите учесници, а воедно и самиот незаконски ги следел комуникациите на дел од граѓаните, а имал и преглед на сите броеви кои биле следени. Грујевски како негов најблизок соработник ги проследил барањата и намерите на Мијалков до Николиќ, која ги распоредувала улогите на другите учесници. Таа давала и задачи кои телефонски броеви треба да бидат таргетирани и транскрибирани.

Она што денес се дозна од воведниот говор на обвинителката е и дека Звонко Костовски, кој заедно со Ѓоко Лазаревски ја открија аферата, и самиот учествувач во прислушувањето.

-Звонко Костовски бил задолжен за техничката поддршка на незаконското следење на комуникациите, изработувал профили и лозинки на корисниците, а воедно на секој создвач му овозможил пристап до системот за следење на комуникациите. На Мијалков и Грујевски ваков пристап им овозможил и во нивните канцеларии, односно имале пристап до разговорите од своите канцеларии, појасни Ристовска.

Таа својот воведен говор го заврши со мисла од Орвел, па рече: ” Моќта да делуваме и избираме е единствената моќ која ја поседувам.” Ова, како што рече обвинителката, значи дека секој од обвинетите имал можност да избере дали ќе биде дел од злосторничкото здружување или не.

 

Поврзани новости