СЈО ја демантира Република: Со непотпишани текстови ја дискредитираат нашата работа

by fokus

Специјалното јавно обвинителство денеска испрати демант на тврдењата искажани во неделникот „Република, кои се однесуваат на наводен план за соработа помеѓу СЈО и СДСМ.

-Во неделникот Република беа објавени тврдења со кои се прави обид за дискредитација на ова Јавно обвинителство. Во целост ги демантираме тврдењата кои се однесуваат на наводен план помеѓу ова Јавно обвинителство и политичката партија СДСМ. Воедно како неосновани ги отфрламе и сите тврдења за наводни планирани уценувања на бизнисмени и други лица врз основа на материјалите од незаконски следените комуникации со кои располага ова Јавно обвинителство – велат од СЈО.

Од таму додаваат дека неделникот објавил податоци за предистражни постапки кои се тајни, а кои како што велат, некој неовластено им ги дал на медиумот. Потенцираат и дека токму затоа текстовите немаат автори за да не можи кривично да одговараат.

-Појаснуваме дека во текстот на неделникот Република беа објавени податоци за наводно работење на ова Јавно обвинителство во повеќе предистражни постапки. Ваквите наводи ние не сме во можност ниту да ги потврдиме, ниту да ги демантираме. Укажуваме дека предистражните постапки се тајни и она што е предмет на предистражна постапка треба да им биде единствено познато на полицијата и обвинителството. Според тоа, одговорноста е на страната на сите оние кои неовластено даваат податоци за предистражни постапки, особено што објавувањето на податоци за предистражни постапки може да нанесе штетни последици како од аспект на уништување на докази и документација, така и од аспект на ризик по безбедноста на инволвираните лица во постапките. Во конкретниот случај текстот во кој се изнесени податоците не е потпишан од страна на авторот на текстот, што е и потврда на важноста од внимателно изнесување на податоци кои може да се однесуваат на кривични постапки – стои во соопштението на СЈО.

Поврзани новости