СЈО интензивно работи на „Скопје 2014“ и на „Изборните измами“

by fokus 15:46
15:46

Во текот на денешнот ден, но и изминатава недела, во Специјалното јавно обвинителство на распит, како сведоци или осомничени, беа повикани повеќе актуелни и поранешни функционери. Поради тајноста на предистражните постапки од СЈО не соопштуваат детали, но она што може да се претпостави од досега објавените прислушувани разговори, е дека дел од повиканите одговарале на прашања поврзани со случаите „Скопје 2014“ и „Изборни измами“.

Па така, се шпекулира дека поранешниот министер за култура  Арифхикмет Џемаили од ДПА, претходникот на Елизабета Канческа- Милевска, денеска пред специјалните обвинителки одговарал на прашања поврзани со „Скопје 2014“, бидеќи во негово време беа удрени темелите на проектот.

Џемаили беше министер за култура во коалиционата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, од 12 април 2007 до 26 јули 2008.

Во врска со овој случај минатата недела, како сведок, на распите беше повикан и градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, а се претпоставува дека во слична улога била повикана и поранешната градоначалничка на општина Центар, Виолета Аларова.

Денеска во специјалното обвинителство се појавија и Силвана Бонева, актуелен член на ДИК, Мендух Тачи, лидеродт на ДПА и Самка Ибраимовски, пратеник од ПЦЕР. За нив шпекулациите се дека биле повикани поради „Изборни измами“.

Бонева и Тачи одбија да одговорат за што биле повикани и дали биле во улога на осомничени или сведоци, но во дел од објавените прислушувани разговори тие зборуваат на темата избори. Поточно, во еден од разговорите меѓу екс премиерот Никола Груевски и Бонева, поранешната пратеничка открива изборен рекет во Струмица.

Лидерот на политичката парија ПЦЕР, Ибраимовски, по денешниот распит во Специјалното јавно обвинителство, истакна дека бил повикан да даде исказ во врска со еден од прислушуваните разговори кои беа објавени јавно, а кој се однесува на изборите во Шуто Оризари.

„Сметам дека криминалните избори во Шуто Оризари треба да се истражат и тоа да се докаже, и драго ми е дека на овој начин ќе се докажува вистината. На пат сме да докажеме многу криминали и тоа за многу брзо време. Во интерес на истрагата не би можел да соопштам други детали“, изјави Ибраимовски

Во придружба на адвокатот Никола Додевски, минатата недела во СЈО се појави и ексминистерката Гордана Јанкулоска, а пред неа, и шефот на кабинет на поранешниот прв човек на УБК, Тони Јакимовски, за случајот „Тврдина“.

Од Специјалното јавно обвинителство неодамна објавија дека во наредниот период на распит ќе се појават поголем број на лица.

„ Во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во ова Јавно Обвинителство. Согласно Законот за кривичната постапка, лицата кои се повикуваат ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околности по повод сите постапки кои се отворени во овој период. Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори. Заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат.“, истакна специјалната обвинителка Катица Јанева.

Ова обвинителство функционира речиси една година. Набрзо се очекува да го поднесат и првото обвинение, бидејќи од отварањето на истрагата имаат рок од 18 месеци за поднесување на обвинителен акт.

 

Поврзани новости