Ситуацијата е пресериозна, Ковид-одделот во Кавадарци забрзано ни се полни, алармира доктор Коцев

by Fokus

Забрзано се полни Ковид-19 одделението во кавадаречката болница. Истото започна да функционира пред десет дена со капацитет од 14 кревети, по што беше проширено на 23 кревети. До денес, таму се хоспитализирани 16 лица со средно тешка клиничка слика и моментално има само седум слободни легла.

Вирусот се повеќе се шири во Тиквешијата, а бројот на активни случаи според вчерашниот билтен на МЗ изнесува 176 во Кавадарци и 62 во Неготино, а во тек на ден се очекуваат уште резултати од земени брисови.

-Моментално во Ковид-19 одделението имаме хоспитализирани 16 лица. За ова кратко време, во овие десет дена откако започна со работа одделот во Кавадарци, дури четири пациенти со тешка клиничка слика се препратени на клиника во Скопје. Најмладата хоспитализирана пациентка кај нас има 38 години, едно лице кое е помладо и од неа веќе го испративме на клиника во Скопје поради сериозност на состојбата. Ова не е табу тема, луѓето да сфатат дека состојбата веќе не е сериозна, туку станува пресериозна! Нема што да се срамат или пак да кријат, не смеат да се лекуваат дома и да ни доаѓаат кога ќе дојде ,,нож до коска”! Има случаи кога по цела недела дома се лекуваат самите, кога ќе се влоши состојбата, дури тогаш бараат медицинска помош. Не знам веќе по кој пат, апелирам сите кои имаат било какви симптоми кои можат да укажуваат на корона вирус, да не чекаат, да се јават кај матичните лекари! – појаснува директорот на болницата, д-р Диме Коцев.

Додава дека апелите за почитување на мерките со месеци наназад се повторуваат, и порачува дека конечно луѓето мора да сфатат дека алармот е вклучен и нема место за несериозност.

-Оставете ги групирањата за друго време, вирусот коси! Следете ги препораките, ова е нашата реалност и мора да им помогнете на здравствените работници со тоа што ќе покажете зрелост и одговорност. До толку ли е тешко носењето на заштитни маски, воздржувањето од дружби во затворен простор, сега кога целиот свет е на колена од вирусот? Пресериозна е состојбата, народот мора да соработува – ни изјави д-р Коцев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости