Сите жени на Јосип Броз Тито

by Фокус

Текстот е објавен на 19-ти септември 2008-ма во неделникот „Фокус“ во бројот 690

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Велат дека љубовта е најпотребна тогаш кога најмалку ја заслужуваме. Ако тоа се однесува на Тито, најголемата политичка личност на овие простори на 20-от век, тогаш може да се каже дека тој имал среќа и успех не само кога се работи за политиката и војувањето, туку и кај жените. Според документите што сега се откриваат, Тито бил буквално опсипан со женска љубов, па дури и тогаш кога најмалку ја заслужувал.

Во што била тајната на Титовиот успех кај жените? Едноставно: „Беше неодолив“, воодушевено ќе воскликне пред Владимир Дедијер, најпознатиот биограф на Тито, загрепската партиска функционерка Веда Загорац. Истата Веда Загорац, која била многу блиска со Броз, а тоа, кога станува збор за него, се знае што значи, се сеќава на Тито од времето кога имал околу триесетина години.

Каде ли му заскитала раката на Маршалот?

Според неа, шармот, елоквентноста и духовитоста биле неговото најсилно оружје, а неговиот физички изглед сосема се разликувал од сликата на типичниот груб комунистички активист од тоа време. Дури и полицијата ретко каде се сомневала дека зад ликот на дотераниот претприемач и елегантно облечен странец всушност се крие опасен комунистички револуционер. Титовата склоност кон убавиот пол, прекрасните дворци и раскошниот живот ги иритирала неговите комунистички истомисленици во татковината, но и во меѓународното комунистичко движење. Затоа, во една прилика, советскиот претседател Никита Хрушчов иронично го нарекол „последниот социјалистички цар“.

ТИТО БИЛ МАЛТРЕТИРАН ОД ЈОВАНКА?!

Сепак, Владимир Дедијер не се согласувал со мислењата на титовите критичари дека југословенскиот претседател бил женкар, иако во својата богата архивска граѓа собрал обемен материјал со наслов „Титовите љубовни врски“, при што само за Јованка собрал неколку архивски кутии. Се разбира, Јованка Броз не го интересирала само како титова сопруга, и некогашна љубовница, туку и како политичка личност која се обидувала да го наследи Тито. Како и да е, Дедијер собрал богат материјал за семејниот и љубовен живот на Тито, но веројатно поради личниот респект кон него ништо од тоа не објавил: „Кога живееше со некоја жена, секогаш беше верен“, тврди Дедијер во своите спомени за Тито.

За односот на Тито кон последната негова сопруга, како и за неуспешните претходни бракови, мошне илустративно е сведоштвото на Лазар Колишевски, кој бил со претседателот при последната посета на Тито на Советскиот Сојуз и Кина во 1977-та година.

Имено, брачните односи на Брозови веќе неколку години биле многу лоши, па на тоа последно големо патување на Тито, претходела долга кавга меѓу него и Јованка. Во таква атмосфера, Тито на Бајкалското Езеро се интересирал кај Колишевски како тече работата на партиската комисија која го истражувала тајното политичко делување на Јованка. Според Колишевски, тој во таа прилика на тоа прашање не знаел ништо конкретно да му одговори, иако знаел дека главниот проблем што ја мачел комисијата било тоа зошто Јованка тајно земала документи од Кабинетот на Тито и кому тие документи му ги предава.

Бидејќи Колишевски ништо конкретно не можел да му каже, Тито се издивнал велејќи: „Револуционерот никогаш не треба да се жени!“. Инаку, таа 1977-ма година, според сеќавањето на Колишевски, Тито веќе многу го болела ногата, а истовремено многу пател поради острите недоразбирања и брачните проблеми што ги имал со Јованка. Иако Тито имал желба и таа да патува со него, Јованка одбила да го придружува во посетата на СССР и Кина. Всушност, го уценила да отстрани тројца луѓе од неговата придружба, па дури потоа таа може да дојде со него. Се разбира, Тито не го прифатил тоа, и Јованка останала во резиденцијата на Дедиње.

Кога во мај 1980-та година, веднаш по смртта на Тито, службено била запечатена неговата резиденција, службите одзеле и голем број документи кои биле во собата на Јованка. Според словенечкиот новинар Миро Симчиќ, кој подолго време ги истражувал архивите поврзани со Тито и неговите жени, ниту една од неговите претходни жени и љубовни

ци немала влијание во политичките и државничките одлуки што ги носел, како што имала Јованка.

За разлика од своите претходнички, таа со години непосредно и грубо го притискала Тито кога станувало збор за клучни политички одлуки во државата, се мешала во кадровски решенија, а зад неа стоеле моќни соработници кои знаеле вешто да манипулираат со ситуацијата. Иако Тито бил јака и решителна личност, сепак многу документи и изјави на луѓе од неговата околина упатуваат на тоа дека под притисок на Јованка Броз понекогаш носел одлуки кои биле против неговата волја и убедување, подоцна се покажале како судбоносни за Југославија, а нему му се удриле од главата.

ТИТО ЈА ЗАВЕДУВА 13-ГОДИШНАТА ПЕЛАГИЈА БЕЛОУСОВА!

Како убеден комунист, Тито бил истовремено и убеден интернационалист. Во тој контекст, интернационалист бил и кога ги бирал своите жени. Иако роден Хрват, само една Хрватка воживотот му влегла в око. За жал, светски познатата оперска пеачка Зинка Кунц, одлучно го одбила, иако во 1946-та година многу ѝ годело флертувањето на славниот додворувач. Но, да почнеме од почеток.

Негова прва сопруга е Пелагија Белоусова – Полка, Русинка која го запознала како воен заробеник од Првата светска војна во Киргистан. Била уште дете кога се зеле. Подоцна, заедно се вратиле во Југославија, но во 1928-та година, по Бомбашкиот процес, кога Јосип Броз завршил на долгогодишна робија поради илегално делување како комунист, Полка се вратила во Советскиот сојуз со нивниот син Жарко и набрзо службено се развела од него.

Тито со неговата прва жена Пелагија и нивниот син Жарко

Таа по неколку работи е исклучок меѓу жените на Тито. Имено, Полка е единствена која Тито ја избрал надвор од кругот на комунистичките илегалки и активистки. Постојано мислејќи на својот син Жарко, кој, напуштен од својата мајка, завршил во советските поправни домови, Тито во 1936-та година во Москва се жени за функционерката на Коминтерната, Германката Ана Кониг. Таа врска траела само една година и завршила трагично: Ана кон крајот на 1937-та година била осудена за шпионажа и стрелана по кратка постапка.

Истата година во животот на Тито тогаш влегува друга Германка, додуша словенечка Германка, родена во Марибор. Станува збор за Херта Хаас, симпатична, образована и млада илегалка која со сета своја душа му била предадена на Јосип Броз, генералниот секретар на КПЈ, главната личност во југословенското комунистичко движење.

Младата илегалка Херта Хаас, во Загреб, во најлошо време, поточно токму кога Хитлер ја напаѓа Југославија, во април 1941-та година, го раѓа синот Мишо Броз. За жал, тоа е и крајот на нивната четиригодишна вонбрачна врска. Во тоа време, во орбитата на Тито ненадејно влетува младата белградска илегалка Даворјанка Пауновиќ – Зденка, која ќе го придружува како негова воена жена до 1946-та година, кога умира од туберкулоза во Голник, кај Крањ.

Дури потоа доаѓа Јованка Броз, млада и убава Србинка од Лика, мајор на ОЗНА, која во резиденцијата на Тито е „регрутирана“ како домаќинка. Клучна личност за нејзиното влегување во најтесниот круг луѓе околу Тито во Белиот двор е Иван Крајачиќ – Стево, таинствена личност со големо влијание врз Јованка, а преку неа и врз Тито. Тој службеник на Коминтерната, и долгогодишен соработник на советските тајни служби, успеал во 1946-та година да ја истисне Херта Хаас, со која Тито веќе го имал својот петгодишен син Мишо, и наместо неа успешно да ја уфрли во игра Јованка Броз, која на почетокот понизно ги трпела грубите понижувања и шиканирања на својот 32-години постар сопруг.

Но, пред Јованка да стигне во креветот на Броз низ него поминале многу жени, меѓу кои и четири кои биле негови венчани или невенчани сопруги. Кога во 1917-та година Јосип Броз и Пелагија Белоусова – Полка се запознале во близина на градот Омск, во Русија, тој имал 25, а таа само 13 години. Следната година склопиле црковен брак според православниот обред, а 1920 година, пред заминувањето на австро-унгарскиот заробеник Броз во татковината, својот брак го регистрираат и судски во Омск.

Според анкетниот лист што го пополнила на барање на советските власти во 1932-та година, значи откако се вратила назад во својата татковина, Пелагија Броз е родена 1904-та година во селото Михајловское крај Омск. Не се знае каде и како се запознале, а за тоа никогаш ништо немаат кажано ниту тој, ниту таа. На единствената јавно позната семејна фотографија на која се Јосип Броз, Полка и нивниот син Жарко, може да се види дека станува збор за многу убава жена со црна коса, која во Југославија со својот сопруг престојувала од 1921-та до 1929-та година.

До 1926-та година била домаќинка, а последните неколку години работела како работничка во една загрепска фабрика. Не била образована, не посетувала никакво редовно образование, односно имала завршено само некаков курс. Документите и фотографиите од тоа време говорат дека Броз бил физички привлечен маж, духовит млад човек со европски манири кои ги истакнуваат сите жени со кои во тоа време имал контакти.

Во 1929-та година Пелагија Броз се вратила во СССР очигледно со помош на партиската организација во Загреб и во соработка со советското дипломатско претставништво во Виена. Набрзо потоа се развела од Јосип Броз, и се премажила за фотографот Рогуљев, со кого имала уште едно дете, ќерката Нина. Но, наводно, за Жарко воопшто не се грижела. Факт е дека поради контактите со Југославија, Пелагија во 1938-та година е интернирана во Сибир. Десет години подоцна, во 1948-та година се враќа во Москва, но повторно е интернирана затоа што била сопруга на одметнатиот Тито. Дури во 1957-та година е службено рехабилитирана, а умира во 1968-та година.

Постојат документи дека Тито бил лут на тоа што таа го запоставила Жарко, па јавно изјавувал дека Пелагија умрела во 1944-та година. Никогаш не се интересирал за неа, иако подоцна имал можности да дознае каде е и што работи. Оние што ги познавале двајцата, не знаат дали Тито испратил венец кога умрела. Извесно е дека животот го однел по друг пат, а на тој пат се појавувале нови жени.

СТРАСНАТА ЉУБОВНА ВРСКА СО ХЕРТА ХААС

За својата прва сопруга, Пелагија Белоусова, велел дека е мртва кога таа уште била жива, а за една друга своја жена никогаш не спомнал дека е жива. Станува збор за Ана Кониг, или Елзе Луција Бауер, со која се запознале и се венчале во Москва, кога двајцата биле службеници на Коминтерната и живееле во московскиот хотел „Лукс“. Таа била Германка родена во Шемниц, во 1914-та година, што значи дека била речиси 22 години помлада од Тито.

Во Коминтерната до неодамна не беше најден ниту еден документ за Ана Кониг, ниту пак фотографија. Дури минатата година беше пронајден ексклузивен документ за венчавањето на Фридрих Валтер (Јосип Броз) со Луције Бауер (Ана Кониг), напишан на кирилица и на руски јазик. Така, за првпат се дозна дека Ана Кониг е втора законска сопруга на Тито.

Во документацијата на Коминтерната се чува писмо на Тито до Ана од 1937-та година, во кое тој жали што „имала неволји со малиот“ (Жарко), заблагодарувајќи се пред тоа што повторно го однела во дом. Истата таа жена, во сталиновите чистки, кои насекаде откриваат непријатели и шпиони, е уапсена како германски шпион и веднаш е стрелана. Агентите на НКВД од Тито бараат да напише изјава за своите сопруги Пелагија Белоусова – Полка и за Ана Кониг. За Пелагија меѓу другото напишал дека е неморална личност која го мрази нивниот син Жарко и е виновна што тој е пропаднато дете и хулиган, а за Ана Кониг дека е многу наивна, иако ја советувал да нема никакви контакти со германските емигранти.

Херта Хаас

За разлика од Пелагија и Ана, Тито со Херта Хаас никогаш не склопил формална брачна врска, но нивната љубов траела полни четири години. Освен тоа, Херта му го родила неговиот втор син (Александар) Мишо Броз. Врската траела од 1937-та до 1941-та година, а Херта била 24 години помлада од него. Родена е во 1914-та година во Словенска Бистрица, во германско-словенечко семејство, односно татко ѝ бил Германец а мајка ѝ Словенка. Детството го поминала во Марибор, а денес има 94 години и живее во Белград.

Како почнала оваа љубовна приказна на Тито? Кон крајот на 1937-та и почетокот на 1938-та година, Тито заминува на дванаесетдневно патување во Австрија и во Чехословачка, и на тоа патување во Виена се состанува со младата и убава курирка на Комунистичката партија, Херта Хаас. Во торбата со двојно дно, Херта ќе пренесува пасоши за борците што заминуваат како доброволци во граѓанската војна во Шпанија, но и техничка опрема. Југословенските комунисти во тоа време имаат пункт во Виена, и таму Херта Хаас повеќепати се состанувала со Зденка Кидриќ.

Оттогаш Тито почнал да бара доверливи услуги од својата убава курирка. Во средината на 1938-та година во „Шмиглова клет“ се одржува првата Конференција на Комунистичката партија на Словенија, а на состанокот присуствува и Херта Хаас. Делегатите спиеле во Камник, а Херта заминала во Целје, каде што се сместила во хотелот. Тито пристигнал подоцна за да ѝ се придружи во хотелот. Следниот ден се состанува Политбирото на КПЈ, а Ѓилас во паузата ќе му забележи на Тито што ја донел на состанокот и Херта, додека другите другари не биле известени дека можат да си ги доведат своите пријателки.

Како и да е, оттогаш Херта постојано ќе биде во близина на Тито. Неколку дена заедно ќе престојуваат во Љубљана, каде што ќе се сретнат со Борис Крајгер, потоа ќе заминат во Загреб, каде што Херта има изнајмено гарсониера. Во своето љубовно гнездо ќе поминат неколку дена, пред да тргнат за Самобор, па за Камник.

Според она што му го изјавила Херта Хаас на Лордан Зафрановиќ, кој подолго време подготвува филм за интимниот дел од животот на Тито, во една прилика Тито ја фотографирал, а таа носела дамски костум: „Носев дамски костум и кога Стари ме фотографираше, лежев на неговиот спортски џакет што пред тоа веќе го имав послано на тревата“. Тоа лето Херта поминува назаборавни денови со Тито во Сплит, патува во Бјеловар и Самобор. Во октомври 1939-та година ќе го придружува до мостот на Рјечна, а неколку месеци подоцна ќе добие разгледница од него од Истанбул, каде што престојува кратко на враќање од Москва.

Во Истанбул Херта му носи нов пасош со кој Тито се враќа во Југославија. Се враќаат со воз, но со возна карта за Џенова. Тито се симнал во Загреб. И подоцна Херта ќе го следи Тито насекаде, а токму во најбурниот илегален живот ќе остане бремена. Следната пролет, токму кога Хитлер ја напаѓа Југославија, се раѓа синот Мишо, а само неколку дена пред тоа Политбирото на КПЈ одлучува Тито задолжително да се префрли во Белград. Херта Хаас со малиот Мишо, кој има само неколку месеци, останува во Загреб.

Војната се разгорува, контактите се прекинуваат и нивната љубовна врска речиси завршува засекогаш. Дури по смртта на Даворјанка Пауновиќ – Зденка во 1946-та година, односно по смртта на жената која била со него низ воените години од 1941-та до 1944-та година, Тито ѝ пишува писмо на Херта долго шеснаесет страници во кое ја моли да му се врати. Според Миро Симчиќ, тоа писмо, за жал, го нема во документацијата на Дедијер.

Од друга страна, одговорот на Херта Хаас бил краток, само пет реда, но одлучен и достоинствен: „Драги мој, Херта Хаас пред маж клечи само еднаш“. Подоцна се мажи и со својот сопруг имаа уште две ќерки, но Тито секогаш го почитувала како татко на својот син Мишо. Како што пишува Ѓилас, Броз во првите повоени години се лутел на неа и погрдно ја нарекувал „проклета фолксдојчерка“, а Херта Хаас, по толку години поминати од тогаш, пред две години само кратко ќе изјави: „Нѐ раздвои војната“.

ПАРТИЗАНСКАТА ЉУБОВНИЦА НА ТИТО ЈА БРКА ХЕРТА ХААС ОД ЈАЈЦЕ!

За време на Втората светска војна, Херта Хаас паднала во рацете на усташите и завршила во усташки затвор. Ја фатиле во куќата на Иван Крајачиќ – Стево, личноста која подоцна ќе игра многу значајна улога во опкружувањето на Тито. Особено големо влијание имал врз Јованка Броз, која ќе ја донесе во Белиот двор. Како била уапсена токму во куќата на советскиот шпион Крајачиќ, засега уште не се знае, но се знае дека Тито во тоа време во заробеништво имал неколку високи германски офицери, кои бил подготвен да ги замени за Херта Хаас.

Тито и Даворјанка Пауновиќ

Задачата ја извршил Милован Ѓилас, па Херта е префрлена во партизани, на слободна територија во Словенија. Во ноември 1943-та година Херта ќе дојде во Јајце, со бројна словенечка делегација на Второто заседание на АВНОЈ. Возбудена, веднаш ќе го побара Тито во куќата каде што престојува. Ѓилас бил сведок на таа нивна последна средба. Имено, Херта во куќата каде што престојувал врховниот командант Тито затекнала млада жена која во собата го постилала креветот. Тито во тој момент не бил таму, а Даворјанка Пауновиќ – Зденка очигледно знаела која е Херта. Ја дочекува со остри зборови: „Драга моја, во оваа соба нема место за две жени!“.

Херта, бесна и понижена, истрчува од куќата, и веднаш го побарала Тито, кој, со соработниците, работел на корекции на својот реферат за Второто заседание на АВНОЈ. Во тој момент се разбира не знаел што се случило во куќата, ниту можел да знае за невкусната провокација на Даворјанка Пауновиќ. Сепак, Херта, возбудена и уплашена, пред сите го прашала Тито: „Која е таа жена? Зарем јас не сум твоја законска сопруга?“. Тито затечен во многу незгодна ситуација пред соработниците, двосмислено ѝ одговара: „Па, договорете се!“.

Според сведочењето на Милован Ѓилас, без оглед на присутните во салата, Херта остро му одбрусува на својот невенчан сопруг: „Немам јас тука што да се договарам! Херта само еднаш клечи пред маж!“. Влегла во куќата каде што имала непријатна средба со Даворјанка, без збор си ги собрала работите што ги донела и се сместила во куќата каде што била словенечката делегација. По заседанието, без да се поздрави со Тито, со делегацијата се вратила во Словенија. Тоа било конечното разидување меѓу нив двајцата.

Која е Даворјанка Пауновиќ, жената поради која Херта Хаас со солзи во очите во ноември 1943-та го напушта Јајце? Таа била 29-години помлада од Тито. Родена е во селото Кучево во 1921-та година, во семејството на Милан Пауновиќ и Бисерка Биса Пауновиќ. Нејзиниот татко се борел во Првата светска војна и бил носител на високото кралско одликување „Караѓорѓева ѕвезда“.

Веднаш по раѓањето на Даворјанка, семејството Пауновиќ се преселува во Пожаревац, каде што таа го завршува основното образование и гимназија. Во гимназијата се вклучува во работата на Комунистичката партија, па поради тоа за малку ќе била исклучена од гимназијата. По матурирањето ќе се запише на Белградскиот универзитет, на групата по француски јазик. Како Даворјанка Пауновиќ успеала да влезе во најтесниот круг на титовите соработници?

Александар Ранковиќ прв ги забележал нејзините способности за доверлива илегална работа. Била извонредно интелигентна, спретна и решителна, па веднаш по окупацијата на Југославија станала посебна курирка на Политбирото на ЦК КПЈ. Одржувала врска меѓу Белград, Загреб и Љубљана, а со лажни документи се претставувала како Зденка Хорват, студентка на Загрепскиот универзитет. Тито и Зденка се запознале во Загреб, каде што белградската партиска организација ја испратила на редиотелеграфски курс. Оние што ги познавале двајцата, велат дека Тито ја маѓепсал речиси триесет години помладата Даворјанка со природниот шарм и духовитост, но и со позицијата што ја заземал. Зденка ги ценела значајните и успешни луѓе, а сите знаеле дека Тито сигурно ќе стане значајна личност.

Маријан Стилиновиќ, кој бил секретар на партиската ќелија при Врховниот штаб на партизанската војска, во една прилика одлучил на Тито да му каже како се однесува Зденка кон другите од неговата придружба и опкружување, а Тито, фатен во многу незгодна ситуација, буквално се фатил за глава и се оправдувал со следниве зборови: „Знам, Маријане, срам ми е, но што можам кога без таа жена не можам да бидам ниту една минута!“.

СТЕНКАЊЕ ВО ШАТОРОТ НА КОМАНДАНТОТ!

Дека тоа буквално било така, потврдува и настанот што се случил негде во Босна. Врховниот командант имал свој шатор, но тенките платнени прегради не можеле да го задржат гласното стенкање и воздишките на љубовното уживање на неговата млада секретарка. Од партизаните се барала крајна воздржаност во љубовниот живот, а за прекршителите била пропишана дури и смрт со стрелање, која често била и извршувана.

Но за другарот Стари важеле некои други правила. А правило било дури и брачните парови, доколку имало такви, да не смеат да бидат во иста просторија, значи сексуалната воздржаност важела и за нив, иако се венчани сопруг и сопруга. Наспроти тоа, во една таква ситуација, додека Даворјанка стенкала во шаторот на Тито, во посета дошла некаква словенечка партизанска делегација, предводена од Лука Лескошек. Делегацијата стигнала на договорениот состанок пред шаторот на Врховниот командант во многу незгодно време. Словенците слушнале гласни љубовни воздишки и стенкање, па одлучиле да се вратат подоцна. Кога по извесно време дошле повторно, Тито добро расположен ги дочекал пред бирото со машина за пишување: „Добро е што задоцнивте на состанокот, зашто и онака морав да завршам една многу важна работа!“.

Според тоа, Тито очигледно бил многу задоволен од љубовните мајстории на Даворјанка, па затоа наспроти незадоволството меѓу луѓето од неговото опкружување од неа, не размислувал да ја тргне и да ја прифати Херта Хаас со која се сретнеле во Јајце во ноември 1943-та година. Инаку, Зденка како Титова воена придружничка ги поминала сите најтешки искушенија на војната, преживувајќи ги меѓу другото и битката на Неретва и онаа на Сутјеска, а одвај избегнала сигурна смрт и во операцијата „Коњски скок“, германски воздушен десант на Дрвар во 1944-та година.

Извесната Блаженка Мимица ја познавала Даворјанка уште од студентските денови и таа ја опишува како невротична, нарцисоидна и немарна девојка. Куцала на машина за пишување ужасно лошо, бркала географски поими, па и дати. Поради нејзината немарност до ден денес не е јасно дали денот на Армијата на бивша Југославија бил на 21 или на 22-ри декември. Подоцна е избран 22-ри декември, иако многумина сметаат дека Зденка погрешно ја запишала таа дата.

Сѐ уште има сведоци кои го доживеале и нејзиниот нервен слом во Дрвар, кога германските падобранци веќе го држеле под оган влезот на пештерата во која бил Тито и целиот Главен штаб. Со хистерични, гласни испади, Даворјанка му забранувала на Тито да излезе од пештерата и да побегне по сувото корито на рекичката кон посигурен заклон. Борците биле одлучни на лице место да ја убијат. Со хистеричното врескање ја откривала нивната позиција. Од сигурна смрт од партизански раце ја спасило само тоа што била титова интимна пријателка. Набрзо потоа кај Зденка почнала засилено да напредува туберкулозата, но умрела две години подоцна.

ТАИНСТВЕН ГРОБ ВО ПАРКОТ НА БЕЛИОТ ДВОР

Даворјанка Пауновиќ е закопана во паркот на Белиот двор. Изборот на местото на погребот бил нејзин; таа го натерала Тито да ѝ вети дека ќе ја закопа токму во Белиот двор, па така, барем двапати дневно ќе мора да поминува крај нејзиниот гроб: првиот пат кога од резиденцијата во „Ужичка 15“ оди на работа во Белиот двор, а вториот пат кога ќе се враќа дома.

Таа необична желба, Тито ја почитувал. Зденка е погребана како партизанка, на осамено место, без надгробна плоча и без вообичаени погребни церемонии. Подоцна Јованка Броз барала посмртните останки на Даворјанка Пауновиќ – Зденка да се пренесат во семејната гробница во гробиштата во Пожаревац, но Тито одбил. Зденка сепак има свој гроб и во Пожаревац, со надгробна плоча, но гробот е празен.

Вистинскиот гроб на Даворјанка Пауновиќ уште е недалеку од влезот во резиденцијалниот парк на Дедиње, а тоа, во 1980-та година, на Владимир Дедијер му го потврдил и Никола Мандиќ, добар познавач на состојбите во резиденциите на Тито. Значи, и по смртта на Тито, гробот на Даворјанка останал на старото место. Иако сега нема многу посетители на Белиот двор, сепак главна знаменитост што сите сакаат да ја видат е гробот на Даворјанка Пауновиќ – Зденка, воената интимна пријателка на Тито.

Јованка Броз, сликана неколку години пред смртта на Тито

Таа е погребана на Дедиње, спротивно на сите прописи, но и сегашната власт не сака да чепка по нејзините посмртни останки. Тоа би можело да се направи само доколку побара некој од нејзините роднини, но такви во Србија нема – единствената нејзина братучетка (нивните мајки се родени сестри), Мирјана Марковиќ – Милошевиќ, сопруга на Слободан Милошевиќ, сега живее во Москва, и никој не знае кога и дали ќе се врати.

И, на крајот, да го завршиме овој текст за љубовните приказни на Тито со она со што почнавме, со Јованка Броз. Јованка Будисављевиќ е родена 1925-та година во селото Пеќани, во Лика, во близина на (Титова) Кореница, во православно, српско семејство. Татко ѝ Миќо Будисављевиќ бил угледен селанец, кој повеќепати престојувал во Америка, па добро говорел англиски јазик. Никогаш не бил член на КПЈ, но бил познат како човек кој е против секаква неправда.

Неговата најстара ќерка Јованка во селото завршила четиригодишно основно образование, а дури подоцна, во Белград, и вечерна гимназија. Како што зборувала самата, корените на нејзиното семејство се од Косово, од околината на Пеќ, па затоа нејзиното село го добило името Пеќани. Втората светска војна била голема трагедија за семејството Будисављевиќ. Родителите на Јованка умреле, а таа се приклучила на Личката женска чета, со која командувала Наранџа Кончар. Во партизани отишле и нејзините двајца браќа, од кои едниот загинал. Имала и две помлади сестри, кои по војната ги барала по домовите за сирачиња.

За Личката женска партизанска чета по војната требало да се снима филм; сценариото било напишано, филмот требало да зборува пред сѐ за Јованка, но никогаш не е снимен. За тоа како по војната Јованка дошла на местото домаќинка во титовата резиденција на Дедиње има повеќе контрадикторни приказни. Милован Ѓилас бил уверен дека Јованка таму ја донел Ранковиќ. Меѓу петте партизанки, кои ги препорачала тајната служба, биле избрани пет, но на Тито веднаш во око му влегла убавата и кршна Личанка со црна коса.

Инаку, Јованка првпат го сретнала Тито во војната, во Дрвар 1944-та година, кога во тамошната болница била политички комесар. Тука го преживеала и германскиот десант на Дрвар, исто како и Тито. За време на војната, и сѐ дури не станала љубовница на Тито, Јованка Будисављевиќ воопшто не го привлекувала вниманието на тајните служби. Нејзина предност при изборот била само изразитата, расна убавина.

Шпекулациите дека работела за Гестапо не држат вода. Според Симчиќ, многу поверојатно е дека Стево Крајачиќ ја искористил за свои цели, а со тоа, несакајќи, и Јованка работела за неговиот шпионски центар, односно за советското НКВД. Значи, клучна личност која ги поврзала Тито и Јованка сепак е Стево Крајачиќ, човекот кој знаел многу за сите значајни личности во Југославија.

Бил функционер на Коминтерната, и советски шпион, дури и за време на Втората светска војна, се разбира со дозвола на Тито. Колку Советите ги ценеле неговите заслуги зборува и тоа што го добил „Лениновиот орден“ уште пред војната, и пред да го добие Тито. По налог на газдите од Москва, Крајачиќ кон крајот на Втората светска војна добил задача во близина на Тито да уфрли личност која ќе биде во врска со центарот со кој управувал, односно личност која ќе биде информатор за случувањата во Маршалатот, тврди Дедијер.

Оттука, очигледно, во случајот со Јованка Будисављевиќ станува збор за долгорочен и добро подготвен проект на советските тајни служби. Крајачиќ добро ја проценил ситуацијата кога се одлучил за Јованка, која уште во 1946-та година станала домаќинка во Титовата резиденција, одговорна за послугата, чистачките, економите, возачите итн.

Се разбира, Тито бил задоволен затоа што во куќата му влегла вистинска убавица, па набрзо почнал да си ја носи во својата спална соба. Сепак, дури во 1948-та година почнуваат интензивна полутајна љубовна врска која не можела веќе да се крие. Две години подоцна Тито ја побарал раката на Јованка, но поради политички проблеми со Информбирото свадбата била организирана дури во 1952-та година. Во секој случај – Тито повторно се заљубил до уши! Играта на Крајачиќ успеала, а тој си обезбедил неформално високо и стабилно место во политичката номенклатура.

ТИТО Ѝ НУДЕЛ СЕКС НА ПЕПЦА КАРДЕЉ?!

Во 1948-та година, по резолуцијата на Информбирото, самиот Тито, преку свои канали во опкружувањето на Сталин, дознал дека Стево Крајачиќ добил налог од Сталин да го убие, тврди Дедијер. Се разбира, Тито одлучил да го посети Крајачиќ лично. Бил сам во автомобилот и го повикал Стево малку да се повозат. Во млади години Тито бил пробен возач на Дајмлер-Бенц во Германија, па затоа бил многу спретен возач. Кога Стево влегол во автомобилот, Тито веднаш ја зголемил брзината и го прашал: „Ќе ја извршиш ли наредбата?“. Крајачиќ внимателно му го предал пиштол

Тито, Јованка и Пепца Кардељ

от и советската депеша со налог за убиство на Тито, велејќи: „Немав намера да те убијам“.

Тито бил предупреден дека Сталин наредил негова ликвидација, и дека убиецот е веќе на пат. Информацијата дошла од германски извори. На Западот во тоа време не им било од интерес да го нема Тито. Крајачиќ не го ликвидирал, но му ја подметнал Јованка. Таа на почетокот од бракот не се мешала во политика. Во „Ужичка 15“ имала сопствена скромна собичка во која учела и ги подготвувала испитите за вечерната гимназија.

Дури околу 1965-та година добила можност потполно да се грижи за титовото опкружување, да го насочува претседателскиот протокол и контактите со надворешниот свет, како и сама да го организира неговото време. Таа работа набрзо ѝ овозможува голема моќ, особено кадровските решенија за високи државни функции. Судирот со Тито се зголемувал како што тој стареел.

Своите тешкотии со сопругата тој им ги поверувал само на Едвард Кардељ и на неговата сопруга Пепца. Ги прашувал дали да се разведе, а Кардељеви го советувале дека во тие години разводот нема никава смисла. Инаку, Пепца Кардељ на Јованка гледала како на помлада сестра, а себе си се сметала за прва дама на тогашна Југославија. Во една прилика дури ѝ се пофалила на сопругата на Дедијер, а Дедијер таа изјава ја има зачувано во својата архива, дека Тито и неа се обидел да ја „смува“. Не се кажува во документот кога се случило тоа, но најверојатно после Втората светска војна, во онаа година по смртта на Даворјанка и пред да пристигне Јованка кај него, односно додека уште бил самец. Но, како што изјавила Пепца, не ѝ нудел само секс туку сакал таа да се пресели кај него.

НЕ БЕШЕ ЛЕСНО ДА БИДЕШ ЖЕНА НА ТИТО!

По сите недоразбирања со Јованка, која била под контрола на Стево Крајачиќ, Тито, пред смртта, на хрватската комунистичка револуционерка Веда Загорац, во која имал голема доверба, ѝ ги објаснил причините за разделувањето со Јованка: „Ете, моравме да се разделиме. Од мене бараше да тргнам многу другари, а јас тоа не го прифатив“.

Едвард Кардељ, пак, неколку месеци пред смртта му се доверил на Дедијер дека спорот меѓу Јованка и Тито всушност имал длабока политичка позадина. Имено, Јованка сакала да го наследи: „Ти сакаш да бидеш нова госпоѓа Бандеранаике; ти сакаш да ме наследиш!“, ѝ рекол во една прилика Тито пред сведоци. Јованка била опседната и со фикс-идејата дека ѝ се заканува опасност да биде исфрлена, и како жена и како сопруга на претседателот, и тоа поради двете убави девојки, масерки на Тито, сестрите Радојка и Даријана Грбиќ.

Сметала дека односот на нејзиниот сопруг кон тие девојки ги поминува дозволените граници и дека нејзината положба со тоа е загрозена: „Јас сум растревожена, не можам да спијам, се чувствувам отфрлена како жена и како сопруга, по 30 години брак. Наместо мене, тој ги сака оние девојчуришта. Јас знам дека тој со нив, со оглед на годините, не може ништо физички, освен да ги плеска по задникот, но тој е врзан со нив психички, и тоа особено ме нервира“, им се жалела Јованка на лекарите.

Посебно била алергична на Даријана Грбиќ, па со раце покажувала како со задоволство би ја задавила. Тврдела дека Даријана е крајно неморална личност и дека УДБ-а ги има подметнато двете сестри за да ја отстранат неа и да ја ликвидираат. Од лекарите барала двете масерки да се отстранат и на нивно место да дојде масер. За Тито, пак, велела дека е лош човек, односно дека тој не е истиот човек од порано, дека многу се променил последните неколку години.

Тогаш, на почетокот од 1975-та година, кога се случувале овие драматични настани со масерките на Тито, Јованка имала 49 години, и, како што злобно запишал Владимир Дедијер, пукала од здравје и дебелина. Тито се приближувал кон својот 83-ти роденден и наспроти сите напори на неговите лекари да изгледа помлад, во јавните настапи делувал измачено и пропаднато. Болеста брзо напредувала, сѐ потешко се движел дури и со помош на бастунот.

Интересно е тоа што Даријана Грбиќ во Маршалатот ја довела лично Јованка за да ја масира неа. Тито тогаш имал некоја постара Словенка како масер. Кога Словенката заминала, Даријана ја презела обврската привремено, додека не се најде замена, да го масира и Тито. Се разбира, на Тито таа промена му се допаднала, па Даријана ја довела во дворот и нејзината сестра Радојка. Заслепена од љубомора, Јованка јавно зборувала дека Тито веќе не може сам да си го затвори ни шлицот на панталоните, па дури и тоа дека без неа не би станал она што е. Пред побеснетата сопруга, како што тврди Симчиќ, Тито најчесто се повлекувал, па дури и се заклучувал во бањата, и таму цела ноќ преседувал на ВЦ-школката.

Тито ги сакал убавите жени, без разлика на нивната национална и религиозна припадност

Јованка, според Дедијер, сменила дири четири шефови на Кабинетот на Тито, а тие откази ги направиле на крајно понижувачки начин, барајќи веднаш лично нејзе да ѝ ги предадат сите клучеви. Не можејќи сето тоа да го трпи, Тито во 1977-та година одлучува дефинитивно да се раздели од Јованка, но без развод, а кога тоа ѝ било соопштено таа почнала да вреска нарекувајќи го „изветреан старец“. Тито ѝ вратил нарекувајќи ја „личка бука“.

Таа последна караница од низата што ги имале последните десетина години, според Стане Доланц, кој бил присутен на таа непријатна сцена, траела од 10,30 до 17 часот попладне. По враќањето на Тито од последната посета на СССР и Кина, тој сепак донел подароци за Јованка, барајќи од послугата да ги наредат на големата маса во салонот. Јованка кога ги видела, ужасно збеснала. Ја повлекла покривката и сите подароци паднале на подот; зела една од кутиите и ја фрлила кон Тито. Тоа било дефинитивен крај меѓу нив. И така остана до смртта на Тито.

На Јованка не ѝ било дозволено дури ни да го посети во Клиничкиот центар во Љубљана. По смртта на Тито, таа играла само на една карта: верувала дека југословенската јавност е на нејзина страна. И јавноста, како што вели Миро Симчиќ, ја симпатизираше, но само до моментот кога во службените весници беше објавено што сѐ Јованка бара од државата како законска сопруга на Тито.

Јавноста беше згрозена од богатството на Брозови, но и од алчноста на Јованка Броз: „Не беше лесно да бидеш жена на Тито – зборувала Јованка пред своите најблиски пријателки. – Својата судбина ја врзав за тој човек. Секој негов чекор, но и секој мој чекор, беше постојано следен од јавноста. Секогаш се трудев да останам во негова сенка, и останував во втор план. Но и покрај тоа, добивав тешки удари. Можеби повеќе од која било друга жена ги делев со него сите големи грижи, слушав за неговите успеси и неуспеси. Гледав и чувствував како многупати му беше многу тешко на душата“.

Поврзани новости