Сите пратеници гласаат „за“ или „против“ буџетот, но многумина не знаат да го читаат и толкуваат

by Фокус

Пратениците треба навреме да се вклучат во фазата на креирање на Буџетот уште од почетокот на буџетскиот процес за да имаат јасна претстава за сите проекции во буџетот, е едно од укажувањата што го посочиле претставниците на Меѓународниот монетарен фодн, кои денеска имаа средба со претседателката и членови на собранискиот Буџетски совет.

По средбата, претседателката на Буџетскиот совет, Фросина Ташевска-Ременски, изјави дека биле искажани одредени прашања кои беа третирани како слабости од страна на Собранието, како неупатеноста на сите пратеници да можат да го читаат и да го толкуваат буџетот, имајќи предвид дека сите пратеници не се економисти.

– Беа високо оценети напорите на Владата за отворање на самиот буџетски процес, транспаретноста во делот на објавувањето на трошоците квартално на шест месеци, што значително влијае на успешноста на сите економски аналитичари, па и на пратениците навремено да се запознаваат со расходите на буџетот на РМ, имајќи предвид дека ние гледаме и ребаланс и завршна сметка – рече Ташевска-Ременски.

Таа додаде дека станало збор и за значењето на транспаретноста во работењето на институциите и можностите и потребите што ги имаат пратениците во фазата на подготвување на Буџетот.

– И тука е улогата на Буџетскиот совет во креирањето на буџетот за Собранието. Ги запознав претставниците на ММФ со идните планови на Собранието од аспект на Буџетскиот совет, тоа е усвојувањето на стратешкиот план за работа на Собранието 2018 – 2020 година, каде што сериозен акцент ставаме на отпочнување на процес за зајакнување на финансиската независност на Собранието од извршната власт преку водење соодветни консултации со ресорното Министерство за финансии и со Владата околу планирањето на средствата за Собранието  – истакна таа.

Според неа, се проширува надлежноста на матичните работни тела во делот на фискалната контрола и надзор, а тоа значи секое матично работно тело во Собранието да има право и можност на посебни седници да си ги гледа предлозите на ресорните министерства.

– Тоа не значи нарушување на деловничкиот процес за донесување на буџетот на РМ, но сметаме дека следењето на политиките ефикасноста, трошењето на буџетските средства е нешто што треба да биде обврска не само кога го носиме буџетот на РМ и кога го разгледуваме ребалансот туку и да ги искористиме сите можности коишто ни стојат на располагање да иницираме дебата што значи и оценка од финансиски аспект на политиките коишто се спроведуваат од страна на министерствата – посочи претседателската на собранискиот Буџетски совет.

Поврзани новости