Сите партии дојдоа на координација кај Џафери денеска наместо во понеделник

by Fokus

Новиот собраниски спикер Талат Џафери, денеска ги свика на координација партиите и во собранието се појавија претставниците на сите парламентарни политички партии, објави ТВ21.

На состанокот присуствуваше и Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, додека од СДСМ се појави Оливер Спасовски. Ниту еден од претставниците на партиите не даде изјава за медиумите.

Доколку партиите ги усогласат своите ставови можно е закажување на собраниска седница.

Претходно, Алсат М објави дека Џафери закажал координација меѓу претставниците на сите парламентарни партии за во понеделник.

Можно е по координацијата Џафери да свика посебна собраниска седница, на која би биле усвоени законски измени за продолжување на рокот на надлежностите на градоначалниците.

Тој вчера порача дека не смее да се дозволи блокирање на општините и дека партиите мора да најдат решение за локалниот систем, кој во моментот зависи од политичката волја кај сите партии.

ВМРО-ДПМНЕ исто така побара итно распишување на локални избори од парламентарното мнозинство и за истото предложија три датуми. Антонио Милошоски од оваа партија изјави дека за нив прифатливи би биле 2 јули, 14 септември и 15 октомври како датуми на кои може да се одржат изборите.

„Секој обид неразумно да се одолжуваат локалните избори и да се блокира мандатот на општините, а со тоа и да се загрозат интересите на граѓаните, би се толкувал како обид за бегање од избори, односно бегање од соочување со народот. ВМРО-ДПМНЕ и нашата пратеничка група ќе го поддржи секој предлог за кој ќе се одлучи парламентарното мнозинство. Се надеваме дека тоа ќе биде што поскоро, дека ќе се спроведат брзи и ефикасни локални избори, за да може локалната самоуправа како уставно право на граѓаните да не трпи голема штета“, изјави Милошоски.

Но од СДСМ порачаа дека ВМРО-ДПМНЕ не би требало да прави игра со датуми за избори, туку ги потсети дека пред да се распишат локалните избори треба да се исполнат одредени предуслови.

„Да мислеа Груевски, Милошоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните, немаше самите на себе да си реплицираат во Собранието и да кочат легитимно формираното парламентарно мнозинство да ја формира новата влада, а знаеја што ги чека граѓаните од 15 мај кога завршува мандатот на градоначалниците и на советите. Ако беше избрана новата влада, досега ќе беа распишани и локаланите избори. Повикуваме чесните и одговорни членови на ВМРО-ДПМНЕ да прифатат дека ВМРО-ДПМНЕ е опозиција и да се постават конструктивно во демократските процеси, што водат кон избор на новата реформска влада, а потоа и кон распишување на локаните избори“, соопштија од СДСМ.

Интересно е што ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ е ретерирање од претходните јавно соопштени ставови на оваа партија и нејзиниот лидер Никола Груевски, каде се инсистираше локалните да се одржат заедно со нови парламентарни избори.

Иако оваа партија не го признава изборот на Талат Џафери како нов собраниски спикер, сепак седницата каде би се разговарало за распишување на локалните избори, ќе ја води токму Џафери.

Поврзани новости