Системот на ФЗО е „киднапиран“, хакерите бараат откуп

by fokus

ИТ системот на Фондот за здравство е хакиран со помош на вирусот „ransomware“, а хакерите бараат откуп за да го ослободат. Ова го откри премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес конференција.

-Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи, рече премиерот.

Ransomware е малициозен софтвер кој користи шифрирање за да ги заклучи информациите на жртвата и потоа за нивно ослободување да се бара откуп. Критичните податоци на корисникот или организацијата се шифрираат за да не можат да пристапат до датотеки, бази на податоци или апликации. Потоа се бара откуп за да се обезбеди пристап. Ransomware често е дизајниран да се шири низ мрежата и да таргетира сервери за бази на податоци и датотеки, и на тој начин може брзо да ја парализира цела организација.

Поврзани новости