СИРИЗА: Владата ги претвора островите во затвори за барателите на азил

by fokus

Со мерките што денеска ги соопшти владата, ниту ситуацијата на островите ќе се подобри, ниту условите за бегалците и мигрантите ќе станат подобри, велат од грчката опозициска партија СИРИЗА во однос на објавениот оперативен план на владата за справување со бегалското и мигрантското прашање и додаваат дека со мерките, островите ќе бидат претворени во затвори, јави дописничката на МИА од Атина.

Во соопштението, од СИРИЗА ја обвинуваат владата дека доцни четири месеци со програмата за прераспределување, „создавајќи хаос на островите, а барателите на азил да достигнат до 37. 000, од 15. 000 на почетокот на јули“.

-Владата тврди дека решението се затворени центар за притвор од 5.000 лица. Островите ги претвора во затвори каде ќе бидат затворени сите баратели на азил, семејства и малолетни лица. Така, затворањето се претвора од последна мерка во општо правило. Односно кршејќи ги основните одредби на меѓународното и европското право, но освен тоа, полнењето на нашите острови со затвори создава уште поголема опасност од тензии, соопштуваат од СИРИЗА.

Од грчката опозициска партија, ја повикуваат владата да вработи службеници и преведувачи, веднаш да префрли 20. 000 лица од островите, да ја притисне ЕУ за да и наметне на Турција да ги исполни обврските од договорот и „конечно да ги остави зборовите и да премине на дела, секогаш почитувајќи го меѓународното право“.

Реакцијата од СИРИЗА доаѓа по објавениот план на владата да се затворат постоечките бегалски кампови на пет острови и на нивно место да се изградат нови, затворени центри (за лицата што не добиле азил и кои ќе треба да бидат депортирани), како и центри за прием и идентификација.

Поврзани новости