Синдикат на ЦУК: Директорскиот кабинет си ја гони мувата од капата

by fokus

„Вршителот на должноста директор именуван од Техничка влада во ЦУК, преку создавање „розова слика“ за себе и пренасочување на вниманието, со издејствувани и „филувани“ од него интервјуа, со соц-реалистични приказни, се обидува да го одвлече вниманието од себе и неговото „феудално“ раководење со државен орган“, обвинуваат од синдикатот на Центарот за управување со кризи.

Тие велат дека директорот го омаловажува нивниот Синдикат, и дека не одговара на ниту едно конкретно прашање за можните злоупотреби, а и кршење на права и правила, поткрепени со факти.

„Не одговори конкретно ни на едно од бројните новинарски прашања, што беа поткрепени и со докази со конкретни бројки и документи, дадени од нас на увид за медиумите, за можните злоупотреби и пречекорувања на службена должност, а и кршење на закони… Продолжува, до последната секунда во ЦУК, со обилното трошење народни пари за неговиот „Директорски Кабинет во ЦУК“.

А од друга страна продолжува со неисплаќање и „завлекување“ до бескрај, стекнат додадок на плата за кариера според судска одлука, отпремнина за пензии, законски суми за починати родители на синдикалците и колегите во ЦУК, а сето тоа под паролата „штедење за доброто на ЦУК“.

Дури, освен на Синдикатот, ги омаловажува и им се заканува и на медиумите на коишто не им одговори ништо конкретно, а едвај стигнаа до него за интервју… Повторно јавно си ја „отвора Пандорината кутија“, за што ќе се изјаснат и институциите, по нашето укажување за кршењето на правата, професионалноста, кариерата и стандардот на вработените во ЦУК“, велат од синдикатот.

Според синдикатот, вработените кои не се согласуваат со раководството се преместуваат на други работни места и се „тргнати настрана“ за да немаат увид во работењето со кризниот менаџмент.

„Функционер поставен привремено од Техничка влада, што одржал едвај два стручни колегиуми за 9 месеци и во време на кризни ситуации, а којшто повторно со застарена и навредлива реторика сам си ја отвора темата „злоупотреби“ лоцирајки се самиот себе во такви дејства дури од пред 2005-та…, јавно ќе му одговориме дека колегите а за него „поданици“ „кренаа глава“ и се зачленуваат во нашиот Синдикат и бројката ни се зголеми за над 20 проценти и уште имаме најави за зголемување, без наши специјаални кампањи за тоа. Благодариме на колегите што во вакви моменти имаа и ќе имаат доблест и храброст да не поддржат на и на тој начин, со зачленување во нашиот Синдикат во ЦУК“, велат оттаму.

Поврзани новости