Симонида Кацарска за Фокус: Да бидеме внимателни со “отстапките” за Бугарија

by Fokus

Со оглед на екстремните позиции на Бугарија во рамковната позиција, треба да бидеме многу внимателни со било какви наши “отстапки”. Ние во секој случај мораме да разговараме со Бугарија и пошироко со регионот за да ја унапредиме нашата историска наука и мисла, иако во дадените услови тоа е исклучително тешко, вели за “Фокус” Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика ( ЕПИ).

-Бугарија секако ќе се обиде да обезбеди гаранции за ЕУ  во однос на исполнувањето нивните барања. Во таа насока се бугарските барања за вклучување на бугарските услови во преговарачката рамка како документ на сите држави членки, за што досега немаше консензус на ниво на ЕУ, додава таа.

Откако официјален Париз најави интезивирање на средбите со двете страни, бугарските медиуми пишуваа дека Емануел Макрон имал телефонски разговор со Румен Радев на кого му порачал дека има нова понуда за билатерланиот спор и е подготвен да биде гарант на добрите односи.

-Изјавата од Елисејската палата упатува на билатерален договор помеѓу Северна Македонија и Бугарија, иако улогата што би ја играла ЕУ или Франција во овој случај е далеку од јасна, вели Кацарска.

Според пишувањата на 24 часа, Понудата на Макрон била потпишување на нов договор, настрана од Договорот за добрососедство, кој требало да биде потпишан во Париз.

Сепак ставовот на Радев останал непроменет дека мора да бидат исполнети сите бугарски барања за симнување на ветото.

Макрон не е сам во идејата за нов договор помеѓу Македонија и Бугарија, поддршка има и од германскиот канцелар Олаф Шолц, кој изрично бара на новиот документ концизно да бидат наведени условите за почеток на преговорите за приклучување на Македонија кон Унијата.

Македонските власти засега не зборуваат ништо на оваа тема, ама затоа еврикомесарот Оливер Вархеји од Охрид пред неколку дена порача:

– Го велам ова затоа што кога зборуваме за пристапување кон ЕУ, бракови или други симболи што се споменуваат, но најмногу во јавниот домен зборуваме за процеси. Зборуваме за преговарачки рамки, за нон-пејпери итн. Но, да бидам искрен со вас и веројатно не би требало да го кажам ова како комесар, но ова навистина не е интересно. Ова не е интересно за луѓето во Европа или за луѓето во Западен Балкан, затоа што сметам дека нивното главно прашање е кога ќе живееме како што живеат во Европа, кога ќе ги имаме истите можности економски општествено како што ги имаат луѓето во ЕУ и кога ќе дочекаме сите бариери да бидат отстранети меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ова е вистинската интеграција, а вистинската интеграција започнува со економијата и започнува со општеството, порача Вархеји.

Во меѓувреме бугарските историчари кои толку жестоко ја најавуваа презентацијата пред европратениците во Стразбур, доживеаја дебакл. Па нивниот проект „Вистината за Македонија“ во празна сала ја слушнаа само шестмина претставници. Со тоа падна во вода уште еден обид на бугарските орагнизации да наметнат слика дека Македонија е таа кој ја искривува историјата.

Соња Танеска

Поврзани новости