Симеон, синот на Есма се исели од Македонија: Власта ме разочара, затоа семејно си заминавме!

by Fokus

Симеон Атанасов, човекот кој до крајот на животот на легендарната Есма Теодосиевска беше нејзин менаџер, и е едно од момчињата кои уметницата ги одгледа, заедно со сопругата, синот и ќерката се пресели во Виена, Австрија. Како што раскажува за „Фокус“, одлуката не била лесна, но по долги години минати во судници, поради случајот со куќата на Есма која таа му оставила аманет да биде музеј, но и со тестамент ја оставила на Министерството за култура, и по сите стресни ситуации на кои бил изложен, сакајќи да ја докаже вистината, сфатил дека за него и неговото семејство нема да може да има добар живот во Македонија.

Разочаран, ги спакувал куферите и тргнал во подобар живот, и планирал да се занимава со менаџмент во продукцијата на неговиот син Стево.

-После долго размислување, се одлучив да преземам чекор кој што ќе биде најдобар пред се за моите деца, за нивната иднина. Впрочем моето размислување почна од пред неколку години, откако увидов дека сегашната власт не се грижи за нас уметниците, за нив ние сме само едни музичари, музиканти, чалгаџии итн… Грешите господо од власта, ние сме уметнички души кои што создаваа иднина со својата музичка уметност, од која идната генерација ќе учи, и ќе ја чува вистинската македонската музика. Ако сегашната власт нема ништо направено за Никола Бадев, Кирил Манчевски, Васка Илиева, Вања Лазарева, итн… што би можеле ние да очекуваме од власт која што не го прифаќа единствениот музички храм кој го оставија Есма и Стево Теодосиевски, кои што имаа желба тој дом да биде музеј, музичко школо, секој доајен на македонската музика да добие своја соба, амфитеатар и уште многу дејности кои што би ја чувале македонската уметност – вели Атанасов.

Додава дека жали што морал да замине од родната земја, но сепак му останала надежта дека еден ден, сепак куќата на Есма и Стево ќе стане музеј.

– Да, разочаран од се ова што се случуваше во изминативе 6 години ја донесов оваа одлука. Тука во Виена ќе се занимавам со менаџмент во продукција на мојот син Стево Атанасов која што се вика К1 МЈУЗИК ПРОДАКШН, во преговори сум со сите балкански продуценти со кои што ќе имаме договор за копродуцирање на сите балкански уметници. Жалам што морав да ја напуштам мојата Македонија, и се надевам дека еден ден ќе се исполни желбата на моите ментори Есма и Стево Теодосиевски-ни изјави музичарот.

Како потсетување, Есма почина по кратко боледување во декември 2016 година во Скопје. Зад себе остави два тестаменти, од кои во едниот му ги остава авторските права на Симеон, а пак во другиот, ја остава куќата на државата, со цел да ја преуреди во музеј. Нејзини внуци од браќа и сестри ги оспорија тестаментите, целата покуќнина беше разграбана, а од куќата остана руина додека со години се чека на судска разврска на случајот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости